Можат ли мотоциклите да ја трансформираат урбаната мобилност во Европа?
Сите согледувања кажуваат дека младите луѓе го губат интересот за автомобилите. Секако дека и ним и е битно да стигнат таму каде намериле но сакаат тоа да го сторат побрзо и поефикасно отколку покомфорно, не губејќи време во сообраќајните метежи и барајќи паркинг. За нив автомобилот како статусен симбол го губи значењето и сé повеќе се свртуваат кон мотоциклите, посебно скутерите.
Според визијата на аналитичарите превозните средства на две тркала ќе имаат голема улога во трансформацијата на урбаниот сообраќај. Нивните студии покажуваат дека ако само 5 отсто од возачите на автомобили се префрлат на мотоцикли годишно во Европа ќе се заштедат 28 милиони денови поминати во урбаните патувања и скоро четири милијарди евра трошоци за гориво и одржување на возилата. Еколошките бенефити и ослободувањето на урбаниот простор кој сега го зафаќаат возилата на улиците и паркиралиштата да не ги споменуваме.
Но за да се случи тоа градските структури треба да делуваат во насока поодбро да се искористи овој потенцијал. Неколку големи европски метрополи како Милано или Барселона веќе работат на такви солуции и резултатите се очекуваат практично кажано веќе утре а не за десет години. Во корист на оваа идеја оди и електрификацијата со развојот на батерии со голема густина кои се доволно лесни и моќни за користење во скутерите. Затоа и нивната понуда на пазарот расте, а со тоа и интересот на купувачите кои сé почесто ги препознаваат како модерна алатка за урбаната мобилност.




