Турбо старт за хибридниот Volvo S60
Volvo ја „распродаде“ првата количина на новиот S60 за само 39 минути
Објавено на 2 јули 2018 година
Можеби имаше скептици, но Американците им ја затворија устата на сите – првата расположлива количина на новиот Volvo S60 пламна за само 39 минути. Се работи за само 20 примероци но битни се два момента. Еден е дека во прашање е специјална T8 Polestar едиција позиционирана над сите други. Вториот е дека таа ексклузивно беше понудена по пат на претплата, според принципот „прв дојден, прв услужен“. Цената на оваа услуга изнесуваше 1.100 долари месечно, во кои се вклучени осигурување, одржување и сервис, но не и локалните такси и регистрацијата. Траењето на договорот е 24 месеци, а после првите 12 корисникот може да побара друг автомобил. На оние кои задоцнија им остана стандардниот S60 T6 AWD, за кој треба да плаќаат по 775 долари месечно за Momentum, односно 850 долари за R-Design изведбата.
Volvo S60 T8 има дволитарски турбо мотор наменет за предните и електромотор за задните тркала, кои заедно испорачуваат 415 коњски сили. Значката Polestar Engineered е заслужена со Öhlins амортизерите, поголемите Brembo сопирачки со златно обоени клешти, ексклузивни 19-инчни тркала и уште неколку слични облагородувања. Volvo на купувачите (поточно претплатниците) во иднина ќе им понуди уште 200 примероци од Volvo S60 T6 AWD R-Design за кој доработките од Polestar ќе вклучуваат и софтверска оптимизација на електрониката што ги контролира возилото и работата на моторот и менувачот.