Четири генерации милионери
Направена за европскиот пазар, Toyota Yaris стана глобален модел со голем успех
Милионските тиражи за Toyota не се ништо ново. Во своето портфолио јапонската марка ги има многу, а во клубот на 10 милиони продадени возила влезе нејзиниот петти модел, Yaris. Тој е дизајниран и развиен за Европејците и повеќе од половината произведени примероци се продадени во Европа, со скор од 5.155.506 возила до крајот на февруари 2023 година.
Малиот автомобил сега се произведува како светски модел во десет земји низ целиот свет. Производството започна во јануари 1999 година во фабриката Такаока во Аичи, Јапонија. Toyota Yaris сега се изработува во девет други земји, од Бразил до Кина, Тајван, Индонезија, Малезија, Пакистан, Тајланд, Франција и Чешка. Во Европа, Toyota Motor Manufacturing France (TMMF) го произведува Yaris од 2001 година и Yaris Cross од 2021 година. Во меѓувреме се отвори втора фабрика во Колин, Чешка, за да ја задоволи зголемената побарувачка на Стариот континент, додека од Полска, се произведуваат основните компоненти како што се бензински и електрични мотори и преноси за европските погони.
Првата генерација беше придвижувана од 1,0-литарски бензински мотор со 68 КС, кој беше прогласен за „Меѓународен мотор на годината“ во 1999 година. Една година подоцна, моделот со пет врати беше и првата Тојота што ја освои титулата „Автомобил на годината“ во Европа. И во Јапонија, Toyota Vitz, како што се нарекува моделот на домашниот пазар, истата година беше избрана за автомобил на годината.
Меѓутоа, низ светот, автомобилот со текот на времето добил други имиња. На пазарот автомобилот беше познат и по имињата Platz, Echo, Belta, Vios и Scion iA, во зависност од варијантата и регионот. Yaris исто така се продаваше на некои пазари како Daihatsu Charade и Mazda 2. Сепак, десетте милиони продадени автомобили се однесуваат само на моделите со име Yaris, Vitz, Yaris Cross и Yaris GR.
Втората генерација, лансирана во Европа во 2005 година, беше достапна како модел со три и пет врати со два бензински мотори и еден дизел, како и спортска TS варијанта со 132 КС. Со третата генерација на Yaris во 2012 година, целосниот хибриден погон за прв пат влезе во сегментот на мали автомобили. Со системска моќност од 74 kW, бензинско-електричниот хермафродит ја понуди најдобрата потрошувачка во својата класа и овозможи да се вози во електричен режим делимично.
По фејслифтот во 2017 година и учеството на Тојота во Светскиот рели шампионат на FIA (WRC), Yaris GR Sport инспириран од трките беше додаден во палетата на модели за 2018 година. Неговиот успех обезбеди оваа специјална верзија да го најде својот пат во целото европско портфолио на модели на Toyota. Четвртата генерација беше лансирана во 2020 година со многу поспортски дизајн и е првиот модел што се продава ширум светот под името Yaris.
Новото издание беше првиот компактен автомобил што беше изграден на модуларната платформа TNGA New (Toyota Global Architecture), која ја подобри динамиката и удобноста на возењето. Ефикасноста на погонот е зголемена за 22 проценти, перформансите на хибридниот систем до 85 kW и оптимизирани до таа мерка што автомобилот сега може да се движи на струја до 130 km/h.
Благодарение на комбинацијата на компактни димензии, добра опрема, урбан шик и најниска потрошувачка на гориво во својата класа, Yaris за прв пат стана најпродаваниот модел на Toyota во Европа. Како круна, две децении по почетокот на производството, сегашната генерација на Yaris по втор пат ја освои титулата „Автомобил на годината“ во Европа за 2021 година. Во истата година, следеше следната фаза на проширување со Yaris Cross кој беше прогласен за „Светски урбан автомобил 2022“.



