Опремени досега 10 милиони возила
Претставен како камен-темелник за производство на безбедни автомобили, Toyota Safety Sense пакетот денес сериски се среќава во 92% од новите возила на марката во Европа
Објавено на 2 декември 2018 година
автор: Стефан Рафајловски
За три ипол години Toyota Safety Sense пакетот се најде во 10 милиони возила. Оваа технологија која лани го доби престижното SafetyBest признание од страна на европското AutoBest жири на почетокот на годинава беше надградена во втора генерација. Неговите суштински функции ги обезбедуваат камери, радари и бројни сензори. Пакетот е способен да ги препознаe пешаците и велосипедистите, и тоа дење и ноќе. Во случај на детектирана опасност, овој систем може да го запре возилото од брзини под 80 километри на час. Системот за задржување на лентата на возење сега врши и корекции со управувачот, а активниот темпомат е дополнет со функција за следење на возилото напред. Притоа тој може да ја ограничува брзината на движење според сообраќајните знаци што сам ги препознава. Автоматските долги светла обезбедуваат максимално добра видливост во сите услови на ноќно возење, без да ги заслепуваат другите возачи.
Втората генерација на Safety Sense безбедносниот пакет на Toyota всушност е верзија на соодветниот напреден систем за помош на возачот кој се вградува во возилата на Lexus. Со тоа јапонскиот производител докажа дека се грижи за максимално широк круг купувачи на своите возила.
Видео