Toyota – Land Cruiser

Вести насловна

Вечно млад и витален

70 годишнината од постоењето е добра причина за подмладување

објавено 16. јуни 2021

Toyota Land Cruiser владее во сегментот на теренците наменети за најтешки задачи веќе седум децении и девет генерации, од кои последната цели 14 години. И тоа доста успешно, заради што и новиот модел ги задржа истите габарити со малку променет изглед.

 

Тој сега е помасивен заради големата маска и тенките светла кои изгледаат некако неприродно насадени на каросеријата со кутиест облик. За убавина не станува ниту збор, но Land Cruiser и понатаму зрачи со доверба во неговите теренски способности за што се погрижи новата платформа. Олеснувајќи го за цели 200 килограми, таа помогна и во подобрување на динамиката на возилото на асфалт.

 

Заради тоа и најголемото изненадување од Toyota е најавената спортска верзија за која ќе се погрижи Gazoo Racing. Во стандардната понуда пак големите V8 машини се исфрлени и заменети со поеколошки агрегати со шест цилиндри. Бензинскиот има 3,6 литри од кои со помош на два турбо компресора се извлекуваат 415 коњи, а дизелот е од 3,3 литри со 309 коњски сили.

Десетстепениот автоматски менувач е стандарден, а погонот на сите тркала засилен со блокада на диференцијалите и електронски мониторинг на теренот по кој се поминува. Безбедноста и комфорот во возењето ги унапредуваат прилагодливото ослонување, електронскиот систем за кинетичка стабилизација и ажурираниот Toyota Safety Sense пакет.

Внатрешноста во голема мерка е обновена и во неа можат да се најдат голем инфо-забавен систем, безжично полнење на телефон, head-up дисплеј и друго. Наследството на името што го носи Land Cruiser ќе го оправдува и со јонизатор на воздухот, електромотори кои помагаат при затворањето на вратите, систем за проверка на идентитетот со отисок од прст и слични нешта што само тој може да ги има. Продажбата ќе му започне во текот на летото.