Враќање на легендата
Постоеше некогаш во едно поинакво издание – мачо фраерски и претставителен како да сака да каже дека не е за секого. Сега се враќа како покомпактен теренец долг 4,6 метри кој ќе цели на помладите но не само урбано ориентирани купувачи. Не треба да се меша со останатите од семејството на Land Cruiser бидејќи со нив го дели само името кое за 74 години се има најдено на повеќе од 12 милиони од разни серии и генерации. Разликата не е само во буквите FJ кои се акроним од Freedom & Joy односно слобода и радост што најдобро ги опишува неговите карактеристики на кои сега им се додадени нови вредности правејќи го спој на традиционалното и модерното во функционален пакет.
Дизајнот всушност го следи нагласениот квадратен облик на поголемиот брат, со зголемена удобност за патниците на кои сé уште на располагање им е пространа кабина нагласена со моќно широките крила. Предниот дел има два изгледа а браниците се сегментирани и можат да се извадат во случај на потреба или ако се оштетени да се заменат.
Распоредот во кокпитот овозможува лесно управување без оглед на условите за возење. Хоризонталната инструмент-табла го олеснува препознавањето на положбата на возилото на закосен терен а рачката на менувачот е сместена на ергономски добро место. Заради ниско поставената хауба и големите стаклени површини прегледноста е одлична а крутоста на каросеријата е посебно зголемена што обезбедува стабилност на сите терени.
Го задвижува 2,7 литарски бензински мотор со 163 коњски сили кои на сите четири тркала се пренесуваат преку шестстепен менувач. Испораките на јапонскиот пазар ќе стартуваат од средината на идната година. Ќе се произведува во Тајланд а дискутабилно е дали ќе биде понуден во Европа.

































