Toyota Land Cruiser – фото-галерија, видео

Враќање кон корените

Новата генерација на Toyota Land Cruiser има глобални апетити и големи можности

Toyota со гордост ја покажа новата генерација на Land Cruiser. Новиот модел од серијата 250 некаде уште наречен и Prado кој ќе им се придружи на останатите две верзии на светски познатиот теренец директно се ослонува на изворните квалитети кои го прават неговото име синоним за моќ и издржливост повеќе од седум децении. Легендарните гени на Land Cruiser сега се збогатени со нови технологии, што како резултат ќе има уште посилна репутација. Различните искуства на купувачите ширум светот се покажаа непроценливи во развојот на клучните предности на Land Cruiser, заради што досега е продаден во 11,3 милиони примероци.

Новиот модел ја задржа класичната и робусна конструкција со шасија која води потекло од поголемиот Land Cruiser 300, кој не е достапен во Европа. Клучна за подобрување на возните карактеристики во теренски услови, таа истовремено обезбедува лесно маневрирање и комфор на асфалт. Одзивот на командите на возачот е подобрен а контролата над возилото унапредена, за што покрај ослонувањето заслуга има и новото електрично серво управување. Електронските асистенти од Toyota Safety Sense пакетот се грижат за безбедноста, а на терен за тоа помага и предниот стабилизатор кој може да се исклучи со прекинувач на инструмент таблата. Камерите на возачот му даваат јасен поглед на подрачјето непосредно околу и под возилото.

Погонските агрегати се различни за секој светски регион. Има и бензински и хибридни, а за Европа само 2,8 литарски дизел со 204 коњски сили, кој на почетокот на 2025 година ќе добие блага 48-волтна хибридна поддршка. Спарен со нов осумстепен автоматски менувач, ќе може да повлече товар до 3.500 килограми. Новиот Land Cruiser дизајнерски на два различни начина ја спојува традиција со модерното. Функционалната убавина посебно е изразена кај First Edition ретро изданието чии тркалезни светла му даваат изглед со кој моќно се нагласува враќањето кон корените.

Сместена во габаритите 4.920×1.980×1.870 mm со меѓуоскино растојание од 2.850 mm, кабината нуди избор меѓу конфигурации со пет или седум седишта. Дизајнот на внатрешноста ги доловува моќта и практичноста на ова вистинско теренско возило, што се гледа од деталите како што се хоризонтално поставената инструмент табла и прекинувачите обликувани за лесно ракување дури и при возење по тежок терен. Сеопфатната видливост на возачот како приоритет е овозможена со ниско поставената хауба и подлабоките бочни стакла.

Продажбата на Land Cruiser во Европа ќе стартува од октомври, а првите испораки се очекуваат во првата половина од 2024 година. Цените за стариот континент не се познати, а на новиот стартуваат од 55.000 долари.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER