Toyota го враќа името Corolla
Познатото име Corolla се враќа на сите изведби на моделот во цел свет
Објавено на 29 август 2018 година
Новата генерација на Corolla ќе донесе и уште една новост – Toyota го враќа познатото име за сите верзии на овој модел, односно седанот, хечбекот и караванот. Со тоа, Auris после две генерации официјално ќе отиде во пензија, а Corolla во цел свет ќе настапува под своето оригинално име. За ваков потег на Toyota се зборува веќе некое време, но сé досега беше неизвесно дали Јапонците ќе се решат за него. На салонот во Женева во март дури и беше претставен новиот Auris, за сега да дознаеме дека на салонот на автомобилите во Париз ќе ја видиме новата караванска изведба со ознака Corolla Touring Sports, која ќе биде прикажана во бензинска и хибридна верзија. Тоа автоматски не значи дека ќе нема дизели во понудата, но со порастот на продажбата на хибридите учеството на дизелите опаѓа, така што веројатно заедно со Auris во пензија ќе биде пратен и дизелскиот дел од компактната гама на Toyota.
Оваа одлука е само една од позначајните со која Toyota го реорганизира својот настап на европскиот пазар – нејзе и претходеше укинувањето на моделот Avensis и неговата замена со Camry. Инаку, Corolla е најпродаван автомобил во историјата, од кој од 1966 година кога е претставена првата генерација, се пласирани преку 45 милиони примероци.