Пронаоѓање на сопствената иднина
Технологиите на кои почива остануваат мистерија, како и деталите за конкретните планови за негова иднина
Меѓу другите експонати, Toyota на тукушто отворениот Japan Mobility Show кој настапува како наследник на салонот на автомобилите во Токио, претстави загадочен концепт на електричен кросовер. Веќе самиот факт дека се појави без претходна најава, заедно со новокомпонираната ознака FT-3e каква што не се очекуваше од возило кое треба да помогне во трансформацијата на гамата кон електрификацијата, предизвика лавина коментари и претпоставки кои Јапонците со недавањето никакви конкретни информации за него само ги подгреа.
Со него Toyota го отвора патот на нов радикален електричен купе SUV, кај чија конструкција приоритет беше ниското тежиште постигнато со намалување на височината на пакетот батерии. Според компанијата намалувањето на батериите чија височина од 150 како кај bZ4X е сведена на 120 mm овозможува помал поаеродинамичен дизајн, а со тоа секако и поголема автономија. На тоа се дополнува и новоразвиениот софтвер кој му овозможува на возачот да го менува динамичниот карактер на автомобилот давајќи приоритет на удобноста, агилноста или пак ефикасноста.
Во кабината владее минимализмот од која сеприсутните екрани започнаа да се прелеваат и на надворешноста каде поставените дисплеи покажуваат информации за состојбата на батериите и температурата внатре. Извајаната каросерија со пловечки покрив и затемнет заден столб визуелно го зголемува впечатокот за просторот внатре кој ќе го дочека возачот со управувач со единечни краци опкружен со три екрани, од кои оној што ја менува инструмент табла е прилично конвенционален, а средишниот екран може да се поместува. Од Toyota накратко кажаа дека нивна желба при креирање на овој концепт била да ги задоволат различните потреби на возачите, на што следеа коментари дека овој кросовер всушност требаше да се појави прв, пред bZ4X.