Скроен само за јапонскиот пазар, се нуди исклучиво со хибридни погонски единици
Toyota не прекинува да изненадува, особено со моделите наменети за Јапонија. Електрифицираниот кросовер Crown Sport со неговата ниска силуета, четирите врати и тенките LED светла кои го гушкаат носот во голема мерка потсетува на Ferrari Purosangue.
Изгледот на предницата е вообичаена карактеристика меѓу серијата Crown, а Toyota ја усвои кај најновиот Prius и гамата на електрични возила bZ. Профилот на Crown Sport се карактеризира со извајана каросерија и затегнат заден браник, кои ги истакнуваат алуминиумските тркала од 21 инчи.
Задниот дел е подеднакво спортски со хоризонтално распоредени LED задни светла, тесно и многу наклонето ветробранско стакло, плус вертикални воздушни канали на задниот браник. Со своите димензии (4.720 х 1.880 х 1.565) Crown Sport нуди доволно простор за четири патници кои ќе уживаат во несекојдневниот стил на ова возило.
Се нуди во шест надворешни бои и пет дво колорни комбинации. Возилото е опремено со најновата верзија на пакетот Safety Sense ADAS на Toyota, вклучувајќи функции како што се Proactive Driving Assist и Toyota Teammate Advanced Drive за помош во сообраќајниот метеж. Предвидени се две опции за погон.
Првиот е хибридот со самополнење, кој го користи 2,5-литарскиот E-Four Parallel Hybrid System кој испорачува комбинирана моќност од 234 КС што се испраќа до сите четири тркала. Она што многу ќе ги израдува јапонските купувачи, покрај атрактивниот изглед и форма, се цените.
На почетокот се нуди верзијата со самонапојувачки хибрид за околу 36.000 евра која ќе започне да се испорачува во ноември. Еден месец подоцна треба да се придружи plug-in хибридот за кого нема детали, но Toyota најави дека ќе има продолжена автономија благодарение на новата литиум-јонска батерија со голем капацитет која нема да навлегува во просторот во кабината. Планирано месечно производство е 700 примероци.


