Toyota – Corolla Cross

Вести

Помалиот брат на RAV

Додека Европјаните го очекуваат Yaris Cross, Toyota на Американците им ја понуди ваквата изведба на Corolla.

објавено 11.јуни 2021

Овој модел беше претставен лани во Тајланд и лансиран на тамошните пазари, по што за него не се слушна многу. Затоа и почетокот на неговото производство во Бразил за латиноамериканските земји помина некако незабележано.

Сега пак практично без некаква најава, Corolla Cross под слоганот „кросовер за кој не знаевте дека ви треба“ беше покажан и во Соединетите Американски Држави. Поставен е на истата платформа како и C-HR, од кој сепак доста се разликува според пристапот кон купувачите. Изгледот му е далеку посмирен, практичноста на каросеријата поголема а внатрешноста позната од стандардната Corolla.

Должината му изнесува 4,46 метри, што е за десетина сантиметри помалку од RAV4. Црните елементи на каросеријата со кои таа добива теренски изглед покажуваат дека во понуда ќе биде и верзија со погон на сите тркала. Нив преку CVT менувач ќе ги задвижува дволитарски бензински мотор со 171 коњска сила. Делува малку чудо што нема да има хибрид во понудата, барем не на почетокот, но има добра причина за тоа.

Имено, овој кросовер ќе се произведува во заедничката фабрика на Toyota и Mazda во Алабама, која треба да започне со работа при крајот на годинава. Тогаш ќе стартува и продажбата на Corolla Cross кој заради очекуваната цена од 20.000 долари воздржано е пополнет со опрема во однос на другите модели на Toyota. Кога и дали воопшто ќе биде понуден во Европа, не е познато. Според досегашните најави, во наредниот период треба да започне да се произведува уште во Јужна Африка и Јапонија.