Toyota C-HR – Новата генерација скроена и ќе се произведува во Европа

Кога во 2016-та се појави првата генерација на C-HR, заради дизајнот и нешто повисоката цена се доби впечаток дека автомобилот е развиван за Lexus ама во последен момент е одлучено да биде лансиран под ознаките на Toyota.

Тоа навестуваше дека како и некои други модели на марката пред него ќе остане запишан во историјата со фуснота како неуспешен експеримент. Но одличната продажба придонесе раководството на компанијата да започна да размислува поинаку и неговите храбри линии се прелеаја и кај други модели на марката.

И новата генерација на C-HR ја следи истата филозофија, подигнувајќи го статусот на својот претходник на повисокото ниво. Авангардниот дизајн со драматично радикалните стилски решенија што го видовме кај концептот Prologue верно е пренесен и на серискиот модел, кој сигурно ќе им ги помати сметките на останатите во овој високо конкурентниот сегмент.

Развиван во Европа, Toyota со новиот C-HR докажува дека може да ги препознае вредностите кои денешните купувачи ги ценат кај автомобилите. Напредните технологии ги предводи низата електрифицирани погонски склопови, меѓу кои на изненадување и плаг-ин хибрид.

Тој електрично потпомогнат од своите два литра извлекува 223 коњски сили, а батериите од 13,8 киловат-часа се доволни за поминување 66 еколошки чисти километри. Погонскиот асортиман ги вклучува уште и 1,8 и 2,0 литарските хибриди со 140 и 198 коњи, од кои посилниот ќе може да се добие и со електричен погон на сите тркала.

Димензиите на C-HR останаа скоро непроменети, но пропорциите дополнително се нагласени со двобојната каросерија, мускулестите крила и тркалата чија големина оди и до 20 инчи. Рачките се скриени во вратите а внатрешноста е без одвишни детали, со дигитална инструмент табла, џојстик место рачка за менувачот и амбиентално осветлување во 64 бои.

Назад заради панорамскиот покрив има повеќе простор за главите на патниците, а материјалите се значително подобри отколку кај претходникот. Јасно, сите верзии на C-HR ќе го имаат најновиот пакет активни безбедносни функции на Toyota.

Почетокот на продажбата зависно од пазарот е планиран за ноември годинава, а производството ќе се одвива во фабриката на Toyota во Турција. Цените не се соопштени. Првата генерација на C-HR само во Европа привлече околу 700 илјади купувачи, со што значително  придонесе за растот на пазарното учество на марката.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER