Toyota Aygo X е првиот автомобил во најмалиот сегмент во Европа кој има самополнечки хибрид
За својот најмал модел Toyota го регрутира самополнечкиот хибриден погонски склоп од Yaris за да испорача подобри перформанси и намалени емисии.
Отфрлен е стариот еден литарски три цилиндерски бензински мотор и на негово место ставен е 1,5 литарски бензинец впарен со електричен мотор, кој произведува 116 КС. Оваа комбинација ја зголеми силата за 44 КС која се пренесува на предните тркала преку e-CVT менувач.
Toyota декларира забрзување од 0 до 100 км/ч помалку од 10 секунди. Уште поважно, емисиите на CO2 се намалени на 86 г/км, што е најниска вредност меѓу автомобилите кои не се со приклучен хибриден систем. Вградувањето на новиот мотор беше овозможено благодарение на „растегнувањето“ на предниот дел за 76 мм, зголемувајќи ја вкупната должина на 3.776 мм, на старото меѓуоскино растојание.
Визуелно, Aygo X се издвојува од својот претходник благодарение на неговото поостро лице. Редизајнираните фарови се поврзани со украсен дел, споен со масивна решетка на предниот браник. Остатокот од каросеријата е во голема мерка пренесен од неговиот претходник кој беше претставен во 2021 година.
Исклучоци се редизајнираната хауба и предните браници, преместувањето на трепкачите во ретровизорите и свежа палета на бои. Во интериерот се вградува нова 7 инчна дигитална инструмент табла. Инфозабавниот дисплеј е малку изменет, иако веројатно ќе ја задржи дијагоналата од 9 инчи. Опременоста вклучува и надграден пакет Toyota Safety Sense ADAS кој ќе продолжи да се подобрува преку ажурирања на софтверот преку интернет.
И покрај електрификацијата, Toyota тврди дека нема губење на капацитетот на багажникот во споредба со неелектрифицираниот Aygo X, со 231 литри. Сите верзии на фејслифтираниот Aygo X ќе имаат потивка кабина благодарение на компонентите за намалување на бучавата, како што се пригушувачите на инструмент таблата, изолацијата на хаубата, капакот на подвозјето на моторот, како и ажурираниот издувен систем.
На крај, но не и најмалку важно, Aygo X станува најновиот модел што ја добива значката GR Sport. Тој визуелно се разликува по специјалните 18 инчни алуминиумски тркала, различната решетка со шема на саќе, новата боја како и неколку GR амблеми.
Сепак верзијата GR Sport не носи дополнителна моќност во однос на стандардниот хибрид, но има посебно подесени амортизери и спирални пружини, заедно со поостра реакција на електричниот серво волан, што резултира со повозбудливо искуство при возењето. Лансирањето на европскиот пазар на фејслифтираната Toyota Aygo X е закажано кон крајот на годинава.
Цените ќе бидат објавени подоцна, иако хибридната технологија, најверојатно, ќе го направи значително поскап од неговиот претходник, но би требало да има пониска почетна цена од малку поголемиот Yaris HEV.


