Уште една револуција од Toyota
објавено на 5 ноември 2021
Некогаш многу порано RAV4 предводеше една револуција. Сега по неговите стапки тргна и Aygo кој со додавката X за која Toyota ни вели дека се чита крос, создава една малку поинаква класа возила. Нови барем за Европа, можеме да ги наречеме микро кросовери бидејќи се токму тоа. Со должината од 3,7 и широчината од 1,74 метри Aygo X е поголем од претходникот, што е јасна намера дека сака да го напушти од другите веќе отпишаниот А-сегмент. А тоа бидејќи димензиски сé уште е во него ќе го стори со кросоверскиот облик кој го прави единствен и моментално најразигран модел во гамата на Toyota.
Карактерот на автомобилот јасно е изразен со неговиот изглед, исто како и оригиналот од 2005 година. Разликата е во тоа што Toyota сега го направи без француските партнери, кои на почетокот на годинава се повлекоа од фабриката во Чешка каде ќе се произведува. Дизајниран е во Европа, со целосно запазување на вкусот и барањата на просечниот купувач кој живее во град или неговата поблиска околина. Поголемите габарити му ги даде платформата од Yaris, од кој не успеа да ја позајми и хибридната погонска група. За да остане во рамките на пристапноста Aygo X го задржа познатиот еднолитарски мотор, сега малку модернизиран. Доаѓа со петстепен мануелен или CVT менувач и според спецификациите располага со 72 коњски сили и просечно троши помалку од 5 литри гориво на сто километри.
Просторот во внатрешноста е за секоја пофалба, а опременоста очекувана. Купувачите ќе се радуваат на двобојната каросерија и на атрактивните посебни пакети кои ќе ги истакнат нивните афинитети. Со продажба ќе стартува идната година, а засега нема никакви најави за цените.






































