Чекор назад за два напред?
Го губи ли Toyota здивот или е само сред бура во чаша вода?
Досегашниот среднорочен план за развој на Toyota најверојатно ќе биде променет. Оваа компанија, која е во првите три во светот на возилата, во последните дванаесет месеци бележи континуирано пад на профитабилноста, што поради недостатокот на неопходни компоненти за возилата, што поради се поголемиот наплив на нови производители на електрични возила.
Стратегијата која ја зацрта кормиларот Акио Тојода инсистираше на фаворизирање на хибридите пред електричните возила. Тоа и не беше работа што треба да зачудува бидејќи Toyota е првиот масовен производител на хибриди и благодарение на оваа компанија споменатата технологија беше масовно прифатена од останатите. Развојот на погонот на водород е приоритет, па за очекување беше да се спротивстави на револуцијата на БЕВ. Пионерската улога, исто како што ја имаше со хибридите, носи нови предизвици и откажувања, но тоа треба да се објасни на акционерите. Јапонскиот производител на автомобили бележи пад на оперативниот профит за 25 отсто на 3,89 милијарди долари во кварталот јули-септември 2022. Оперативната профитна маржа на Toyota се намали на 6,1 отсто.
Падот од 25% на кварталниот профит објавен неодамна е потресен и ги поттикнува раководителите да размислат за зголемување на цените за да ја задржат својата профитабилност, а вториот удар е намалувањето на годишната цел на производство за фискалната 2022 година од 9,7 милиони на 9,2 милиони возила. Производителот на автомобили ги правда негативните салда со недостигот на полупроводници и зголемените трошоци за материјали. Пред две години, шефот на Тојота, Акио Тојода, изјави дека нема да се откаже од моторите на внатрешно согорување и го најави планот вреден 38 милијарди долари за лансирање на 30 нови електрични возила на пазарот, но не потврди дека тоа ќе бидат електрични возила со батерија.
Меѓу редови, тоа би можело да значи дека фокусот е развојот на технологијата на впрскување на водород во цилиндрите со што значително се намалува потрошувачката на бензин и емисиите на штетни издуни гасови, од една страна и, од друга, развој и омасовување на електро погонот со водородни горивни ќелии. Планот можеби е забавен бидејќи Toyota почна да најавува повеќе модели на БЕВ како што е bZ4X и неговата седан варијанта која ја прави заеднички со кинескиот BYD. Моменталната ситуација во која се наоѓа Toyota не значи дека ќе биде нарушен нејзиниот углед, а искуството вели дека ова е чекор назад за два напред. Во историјата на јапонскиот гигант не е прв пат да се случувале отстапувања од плановите, но тие секогаш се остварувале. Дали е на повидок нова еколошка револуција за возилата која ќе ја предводи повторно Toyota ќе покаже времето?! Овој гигант има сила да ги издржи ударите и критизерите да ги претвори во следбеници. Тоа до сега го има докажано повеќе пати!


