Батериите траат подолго
Во извештајот на Tesla за работењето во 2022 година еден пасус во прв момент остана незабележан. А тој всушност кажува многу за искуството кое компанијата го има собрано со своите електрични возила. Во него се наведува дека функционалната амортизација на батериите со текот на времето е значително пониска отколку што се очекуваше.
Конкретно, годините експлоатација на возилата што ги имаат произведено покажале дека капацитетот на батериите после поминати 200 илјади милји односно 320 илјади километри во просек се намалува за само 12%. Од подеталната анализа се заклучува дека на почетокот батериите се деградираат побрзо, но после тоа следи доста побавен процес на губење на капацитетот.
Сознанијата на Tesla која е пионер во електрификацијата делуваат доста смирувачки на идните купувачи бидејќи поголем дел од производителите сега за батериите нудат гаранција од 8 години или 160 илјади километри, со ветување дека после тоа тие ќе задржат 70 отсто од капацитетот. На сето ова треба да се додаде и дека на деградацијата на батериите повеќе влијае бројот на нивните дополнувања отколку поминатите километри. Исто така е важно и како тие се полнат – преку ноќ дома или на брз полнач за кратко време.


