Tesla собра уште еден рекорд

Занимливости насловна

Model S побрз од Taycan за 11,4 секунди

Најбрзиот сериски електричен автомобил на Нирбургринг е Tesla Model S

Објавено на 13 септември 2021 година

Елон Маск се пофали – Tesla Model S во Plaid изведбата го помина кругот на Нирбургринг долг 20,6 километри за неверојатно време од 7 минути и 30,909 секунди, односно 7 минути и 35,579 секунди за подолгата негова конфигурација од 20,832 километри. Тоа значи дека после две години тестирања најмоќниот автомобил на Tesla на оваа патека возеше со просечна брзина од 166 километри на час. Поставувајќи нов рекорд, Model S стана за 11,4 секунди побрз од Porsche Taycan на пократкиот круг на Нирбургринг.

Ако направиме споредба со резултатите на октанските ѕверки ќе видиме дека Panamera е незначително побрза со време од 7:29,81, додека ќе треба уште напори да се стигне Mercedes-AMG GT 63 S кој има постигнато одлични 7:23,009. За тоа Маск веќе најави дека на патеката ќе донесе специјална изведба со подобрена аеродинамика, композитни сопирачки и тркачки пневматици, бидејќи оваа беше 100% сериска, симната директно од монтажните ленти.

Инаку, најбрзите електрични возила кои имаат пролетено по Нирбургринг се Nio EP9 со време 6:45,90 и Volkswagen ID.R кој патеката ја помина за нестварни 6 минути и 5,336 секунди на подолгиот круг.