После само кратко одложување што ретко се случува, Илон Маск на спектакуларен начин во едно филмско студио во Лос Анџелес го претстави роботизираниот такси автомобил на Tesla.
Наречен Cybercab тој нема волан и педали, ниту пак задно стакло и ретровизори бидејќи не му требаат. Во каросеријата со аеродинамичен облик сличен на авионско крило има место за двајца патници кои влегуваат преку врати без рачки што се отвораат автоматски нанагоре.
Пресметките на Tesla покажуваат дека експлоатацијата ќе чини околу 20 центи за милја, или кажано во наши пари нешто над 7 денари за километар. Користењето е едноставно – потребно е само преку апликација во која се внесува дестинацијата да се повика возилото и толку. Многу прашања останаа отворени бидејќи никакви детали за механиката и автономијата воопшто не се објавени а прототипите кои ги возеа гостите на презентацијата ваму-таму колку за демонстрација немаа ниту приклучок за полнење на батериите.
Според плановите производството на Cybercab треба да започне пред 2027 година и да чини 30 илјади долари. Ќе може да го купи секој но за да го продава на приватни купувачи Tesla претходно мора да добие дозвола од американските регулатори.