Tesla продолжува со производство и покрај забраната
Објавено на 12 мај 2020 година
Илон Маск се заинати – и покрај забраната издадена од калифорниските власти, даде налог фабриката во Фримонт да продолжи со прекинатото производство. Според двајца работници на Tesla кои сакале да останат анонимни, за време на викендов се комплетирани околу 200 возила Model Y и Model 3. До ваквиот расплет на настаните дојде откако Tesla поднесе тужба до округот Аламеда чиј оддел за јавно здравје ја има издадено наредбата за затворање на сите фабрики чие производство не е од есенцијално значење. Маск прво реагираше со закана дека ќе пресели сé во соседната Невада, за да ги забрза работите со недозволениот почеток на работата за кој извести преку твитер порачувајќи дека ако некој треба да биде уапсен, тоа нека биде тој. За да му дозволат да продолжи со производство, здравствените власти претходно од него побараа да достави план за тоа како ќе се рестартира фабриката, наведувајќи дека комуницираат и тесно соработуваат со тимот на Tesla во Фримонт покажувајќи колаборативнот и добра волја за да се развие и спроведе план кој ќе овозможи заштита на здравјето и илјадниците вработени кои патуваат до и од работа. Оттаму уште открија и дека биле близу договор фабриката да се отвори на 18-ти мај, но Маск сакаше тоа да биде оваа недела. На ред да реагира сега е полицијата во чии раце е одлуката дали присилно ќе ги затвори погоните на Tesla.


