Забрзува електрификацијата на Jaguar Land Rover
Сопственикот на британскиот премиум тандем има нови планови за електрификацијата
Индискиот индустриски гигант Тата го искористи саемот на автомобили во Њу Делхи да објави дека ќе отвори фабрика за производство на батерии во Европа со цел да ја забрза транзицијата кон потполно електричен погон. Како што изјави шефот за финансии на иднискиот гигант, П.Б. Балаџи, плановите за производство на батериски ќелии се добро обмислени, но за да се постигне помасовна електрификација ќе биде многу поодржливо доколку батериските ќелии ќе се изработуваат во Европа. Засега плановите се финализираат и деталите ќе бидат објавени наскоро без да се прецизира локацијата на фабриката и кога би почнало нејзиното функционирање.
Според првичните сознанија, во новата фабрика ќе се прават два вида на хемиски ќелии. Оние со литиумски фосфат ќе бидат наменети за електричните возила на Tata Motors додека ќелиите што ќе содржат никел-магнезиум и кобалт би биле наменети за JLR но и за некои изведби на Tata. Групацијата Jaguar Land Rover планира сите модели на Jaguar да станат електрифицирани до 2025-та додека првиот потполно електричен Land Rover ќе биде лансиран во 2024 година. Според Балаџи, Tata и Jaguar Land Rover ќе имаат поголем бенефит доколку бидат дел од поголем еко-систем.


