И покрај малиот интерес за ваквите возила кои годишно наоѓаат само по осум илјади купувачи, Stellantis е упорен да го одржи RAM 1500 во Европа кој стигна и во своето обновено издание.
Задржувајќи ги традиционалните американски особености овој гломазен и моќен пикап сега се нуди само со шестцилиндрични бензински мотори – два турбо од по три литри со 420 и 540 коњски сили и еден благ хибриден од 3,5 литри со 305 коњи. За преносот е задолжен осумстепен автоматски менувач, погонот е сите тркала а на возачот на располагање му стојат пет режими на возење.
Што се однесува до опремата купувачите во Европа ќе имаат големи можности за избор, а цените стартуваат од 62.000 евра. За такви пари иако во основа Ram 1500 е бескомпромисна работна машина тие секако ќе добијат доста луксуз, онаков каков Американците сакаат.
Се очекува интерес да предизвика посебната RHO верзија која е наменета за тешки терени заради што и има засилено ослонување, зголемен клиренс и огромни пневматици. Најмногу надеж сепак дава електричната изведба која ќе биде на располагање од третиот квартал идната година.
Овој модел со масивен пакет батерии од цели 168 киловат-часа кој е сосема поинаков и поставен на нова платформа, ќе располага со архитектура од 800 волти која за 10 минути ќе обезбеди струја за поминување 177 километри. Значајно е и тоа што ќе има носивост од 1,2 тони и ќе може да влече приколка од дури 6,3 тони.