Поради неусогласените стратегии на различни дирекции на ЕУ автомобилската индустрија ќе се бори за опстанок!
Можеби се лути конкуренти но заедничките проблеми ги прават сојузници. Првите луѓе на Stellantis и Renault ги предупредија европските законодавци да не претеруваат со прописите.
Лука де Мео и Џон Елкан се согласуваат дека постои опасност во наредната деценија европскиот пазар на нови автомобили да биде преполовен. Според нив цените на возилата неминовно ќе растат заради скапата работна рака но најмногу заради промената на регулативата. Посебно кај поевтините модели – нивна проценка е дека како резултат на тоа тие ќе поскапат и до 40 отсто со што ќе бидат недостапни за голем број купувачи.
Сложувајќи се во оценката дека европските прописи станаа премногу рестриктивни, тие апелираат на нивна промена за да се спаси автомобилската индустрија. А таа веќе со години стагнира – пазарот сега апсорбира 15 милиони возила што е за три милиони помалку од пред пандемијата.
Де Мео и Елкан укажуваат и на тоа дека во Брисел моментално за автомобилите директно или индиректно се задолжени најмалку пет различни генерални дирекции чии стратегии често меѓусебно се конфликтни. Посочуваат и на тоа дека не може истите безбедносни критериуми да важат и за малите градски автомобили и за два тона тешките теренци кои регулаторите ги имале предвид пишувајќи ги прописите. Се заговара и воведување посебна категорија мали автомобили нешто слично како што имаат Јапонците, што искрено кажано тешко е остварливо посебно затоа што Кина чека токму таква шанса.


