Светот на хипер автомобилите е поле на докажување на најдобрите
Набилданиот изглед проследен е со перформанси кои се граничат со фантазијата. SSC го прикажа потенцијалот да ја надмине границата од 300 миљи на час со Tuatara. Американскиот атлета успеа да постигне брзина од 474,8 км/ч што е само пет миљи помалку од референтните 300 и тоа на 3,7 километри долгиот асфалт на вселенскиот центар Кенеди во Флорида. Впечатокот е дека постигнатата брзина би била поголема доколку имаше повеќе простор за тоа. Целиот потфат, поради веродостојност, регистриран е од Racelogic користејќи двојни системи и дополнителна Life Racing GPS единица. За оние кои не ја следат приказната, суперавтомобилот направи неколку обиди да ја пробие бариерата од 300 милји на час. Сè започна во октомври 2020 година со првично тврдената брзина од 316,11 м/ч (508,73 km/h) која се покажа како неточна. Следен атак беше организиран во декември 2020 година, каде што Tuatara успеа да направи само 251,2 mph (404 km/h) поради проблеми поврзани со топлината во моторот. Во јануари 2021 година, просечните 282,9 милји на час (455,3 км/ч) му ја доделија титулата за најбрз сериски автомобил во светот, но SSC сè уште не беше задоволен. Нов рекорд се подготвуваше лани во мај, но камионот што ја пренесуваше Tuatara учествуваше во незгода во која се оштети суперавтомобилот. SSC Tuatara е базиран на монокок од јаглеродни влакна и има коефициент на отпор од 0,279 cd. Суперавтомобилот е опремен со твин-турбо 5,9-литарски V8 мотор кој произведува до 1.768 КС (1.300 kW) кога работи на метанол. Силата се испраќа до задните тркала преку седумстепен автоматски менувач. Ривалот на SSC Tuatara, Hennessey Venom F5 неодамна постигна 271,6 mph (437 km/h) на тестовите на истата писта. Од Шведска доаѓа најава дека Koenigsegg работи на прототипот Jesko Absolut кој е способен теоретски да постигне максимална брзина од 531 km/h. Bugatti се повлече од постигнувањето брзински рекорди по возењето во еден правец постигнувајќи 304,77 mph (490,48 km/h) со Chiron Super Sport 300+ на патеката Ehra-Lessen во септември 2019 година.