Sony – Vision S

насловна Поглед во иднината

Sony на тркала

Од показна вежба до производство во најава

Пред две години Sony ја изненади целокупната јавност претставувајќи го електричниот Vision-S замислен да ги демонстрира технологиите кои компанијата ги има развиено за автомобилската индустрија. Но уште тогаш беше јасно дека амбициите на јапонскиот гигант се малку поголеми и затоа покажувањето на новиот концепт исто така во Лас Вегас се доживеа како нешто сосема очекувано. Истото тоа важи и за најавата за формирање на посебна компанија која ќе има за задача да ги истражи можностите за нивно вклучување во автомобилската индустрија како производител на електрични возила. Ако судиме според концептите, тогаш ќе бидат добредојдени. Новиот модел покажан сега на CES е кросовер со седум седишта и има сличен дизајн како и претходниот. Направен е на истата архитектура и иако подолг, има исто меѓуоскино растојание.

Опремен е со висински прилагодливо воздушно ослонување кое треба да му го олесни совладувањето на теренските пречки. Во тоа ќе помогнат и дуетот електромотори со по 272 коњски сили кои се распределуваат на сите тркала. Заради намената максималната брзина му е пониска од онаа на седанот и изнесува 180 километри на час. Информации за капацитетот на батериите нема, но затоа Sony со гордост раскажува за целата електроника и сите системи вградени во него. Ги има многу, но највеќе фасцинира можноста за далечинско управување демонстрирана со видео снимка која покажува како возач од Јапонија го контролира возилото кое е во Германија. После сé, можеме само да констатираме дека новоформираната компанија ќе има малку работа и за кратко време ќе излезе со препорака која сите ја очекуваат.