Збогум на оптегната стрела!
Некои концепт автомобили носат повеќе од ветување за ново возило. Тие имаат задача да објават поголеми планови, ново лого, промена во дизајнот… Најавуваниот концепт Škoda 7S дојде со сите тие цели.
Освен што е електричен теренец со седум седишта, тој го претставува новиот стил и лого што треба да ги носат идните модели на Чесите. За воља на вистината, токму логото кое беше стилизирана оптегната стрела, беше нај критикуваниот детаљ на автомобилите што доаѓаа од Млада Болеслав, но од таму упорно и тврдоглаво одбиваа да се смени. Сега дојде и тој момент. Наместо тркалезната значка чешката марка како лого ќе го користи своето име, исто како што го прави Kia. Новиот дизајн најавен за идните модели е многу почист, без наборите што сме навикнати да ги гледаме во сегашните автомобили на компанијата.
Во таа смисла, 7S е здив на свеж воздух зрачејќи со елеганција! Според марката, концептот ќе се претвори во сериски автомобил кој ќе се напојува од батерии и ќе може да превезува седум луѓе. Ако навистина пристигне во 2026 година, тоа ќе биде задоцнето, па маркетерите се надеваат дека Škoda серискиот 7Ѕ ќе го претстави порано. Добрата работа е што сериското возило треба да доаѓа со батериски пакет од 89 kWh што треба да му овозможи опсег од 600 километри со брзина на полнење од 200 kW. Освен овој автомобил, чешката марка ќе има и компактен теренец и мал автомобил, како што најави уште во јуни.
И двете ќе se градат врз архитектурата MEB Small, која претходно ја знаевме како MEB Entry или MEB Lite. Очекувајте овие нови возила на Škoda да бидат соодветно еквивалентни на Cupra UrbanRebel и Volkswagen ID. Life. Оваа платформа ќе се произведува исклучиво во фабриката Марторел во Шпанија. Тоа значи дека Škoda можеби ќе треба да почека таа фабрика да се подготви, како и фабриката за производство на батерии Sagunto, a тоа ќе се случи до 2025 година. Со семејството Enyaq iV и овие нови електрични возила, Škoda се надева дека 70% од продажбата до 2030 година ќе биде од електрични автомобили. Компанијата планира да инвестира дополнителни 5,6 милијарди евра во е-мобилност и 700 милиони евра во дигитализација во следните пет години за да ги реализира претставените планови.