Во чест на 130-годишнината Škoda лансираше специјална едиција на Fabia
Со добро познатиот 1,5 литарски TSi но засилен на точно 130 kW, или како што ни е полесно да разбереме 177 KS и DSG менувач подесен за побрзи реакции, Fabia 130 ги слави страстите што спортските модели на Škoda ги предизвикуваа во нејзината 130-годишна историја. Може да се пофали дека е најбрзата верзија на Fabia воопшто досега – забрзува до 100 km/h за 7,4 секунди и постигнува максимални 228 km/h.
Подвозјето е спуштено за 15 mm а управувањето подиректно, со што возењето е подинамично и попрецизно. За истерување повеќе системот за контрола на пролизгувањето може во целост да се исклучи. Визуелно разликите се дискретни но суштински е дека секогаш покривот, столбовите и ретровизорите се сјајно црни без разлика на бојата на каросеријата која може да биде бела, црвена, сина или црна. Црни се и новите спојлери, дифузорот и некои други детали, а клештите на сопирачките црвени со што дополнително се нагласува спортскиот карактер.
Внатрешноста го задржа стилот од Monte Carlo верзијата со спортски седишта, контрастни шевови, метални педали и спортски управувач. Цените не се објавени, а со испораки ќе се стартува од декември.




