Спортски рафинат што штеди струја
После купето пролетва, Škoda ја претстави RS верзијата и на стандардниот Enyaq iV. Кај него спортските гени на електричниот погон функционално се испреплетени со практичноста на кросоверската каросерија.
Погонската група е истата како и кај Volkswagen ID.4 GTX, што значи дека сите четири тркала ги задвижуваат електрични мотори со вкупно 299 коњски сили. Како резултат на нивниот ангажман за спринт до сто километри на час ќе требаат 6,5 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 180.
Чесите се пофалија и дека значително ја подобриле аеродинамиката намалувајќи го коефициентот на отпор на воздухот на солидни 0,234. Благодарејќи на тоа автономијата која ја обезбедуваат батериите од 77 киловат-часа е задржана на 500 километри. Максималната моќност на полнење е 135 киловати, така што теоретски на Enyaq RS iV му требаат 36 минути да се наполни од 10 до 80 отсто од капацитетот.
Светлечката маска е стандардна, а внатрешноста благо дотерана повеќе да одговарала на неговиот спортски карактер. Новост уште е и вметнувањето посебен режим на работа наменет за теренско возење со брзини под 20 километри на час. Цената не е објавена но сигурно ќе достигне 60-тина илјади евра.


