120 години натпреварувачко искуство
објавено 28. февруари 2022
Одбележувајќи ја 120-годишнината од својата тркачка историја, Škoda нѝ претстави еден уникатен модел за кој многу малку се знае.
Наречен безлично 1100 OHC, тој настана при крајот на педесеттите години од минатиот век и да не знаевме дека доаѓа од Чешка ќе речевме дека е Ferrari или барем Alfa Romeo. Беше создаден со намера да учествува на познати меѓународни трки меѓу кои и 24 часа Леман, но заради политички причини настапуваше само низ комунистичките земји. Имаше конструкција од цевки со тенки ѕидови и пластична каросерија, а под хаубата нервозно ‘ржеше мал 1,1 литарски мотор навиен на 92 коњски сили.

Освен атрактивниот изглед располагаше и со фантастични перформанси – благодарејќи на тежината од само 555 со леснотија постигнуваше 200 километри на час. Беа направени и две купеа со алуминиумска каросерија кои заради промените на спортските правила Škoda ги има продадено, по што и двете имаат настрадано во сообраќајни несреќи. Пред седум години се откриени остатоците на едно од нив кои ги предизвикаа експертите од фабричкиот музеј да го вратат во живот. Деловите кои недостигаа наново се направени врз основа на оригиналните технички цртежи, а конечниот резултат е фасцинантен.


