Млада Болеслав на струја
Чесите ја гледаат својат иднина во електричните возила, но не се откажуваат од класичните
Škoda потврди дека ќе лансира четири целосно нови електрични автомобили до 2026 година, со што вкупниот број електрични возила на брендот ќе се искачи на шест. Дополнително со ажурираните верзии на теренецот Enyaq и неговиот брат Enyaq Coupe, ќе се најде нов мал автомобил, теренец кој ќе го замени Karoq, нов кросовер со седум седишта, како и караван, сите напојувани од батерија.

За таа цел, до крајот на 2027 година Škoda ќе инвестира вкупно 5,6 милијарди евра во е-мобилност. Иако Škoda не откри соодветни слики од ниту еден од своите претстојни модели, таа покажа „скулптури“ кои навестуваат аголен, густ дизајн за новите автомобили. Чесите овој дизајнерски јазик го нарекуваат Modern Solid и е наменет да комбинира робусност, функционалност и автентичност.

Со новиот дизајнерски јазик ветени се промени и во означувањето. Наместо логото на хаубата и воланот ќе стои само натпис Škoda, па веројатно, дискутабилното лого, „оптегната стрела“, кое беше љубоморно чувано, но и најкритикуван дел од возилата ќе се пресели во фабричкиот музеј. Првото што ќе пристигне од новите електрични возила на Škoda ќе биде новиот кросовер Elroq, кој е наведен како „целосно електричен наследник на Skoda Karoq“.

Со должина од околу 4,5 метри, ќе биде малку подолг од постоечкиот Karoq, а Škoda ветува пространа и многу практична внатрешност. Во меѓувреме, во 2025 година, планирано е да се претстави компактен хечбек со големина на Fabia на електричен погон. Моделот ќе лежи на истата платформа како Volkswagen ID.2 и тој ќе се произведува во истата фабрика.

Најавено е дека автомобилот ќе нуди сличен капацитет за багаж на постоечкиот хечбек Scala и се очекува да чини под 30.000 евра. Škoda не објави име за моделот, кој се развива под работен наслов „Small“. По лансирањето на овие два модели, следната генерација на електричен караван ќе пристигне во 2026 година со слична големина на постојната Octavia Combi. Повторно, тој автомобил не е именуван, така што во моментов е едноставно познат како „Estate“.

Најголемиот од електричните модели што ќе биде лансиран до крајот на 2026 година е сериска верзија со седум седишта на концептот Vision 7S претставена минатата година, а се води под работно име „Space“. Во текот на 2025 година Škoda ќе ги претстави освежените верзии на Enyaq. Двете изведби, Enyaq и Enyaq Coupe ќе бидат ажурирани со новиот дизајнерски јазик, кој се очекува да биде споделен со другите нови модели на куќата.

Иако Škoda очигледно ги турка своите електрични модели, компанијата сепак ќе продолжи со возилата со мотори на внтрешно согорување. Марката ги опишува „ефикасните и популарни“ автомобили со внатрешно согорување како „главна основа“ на гамата на Škoda, а ветени се значителни ажурирања за Octavia, Scala и Kamiq. Фирмата, исто така, ветува дека ќе ги задржи во живот своите модели Superb и Kodiaq.



