До првиот милион за само шест години
Сé започна пред шест години со лансирањето на Ateca, а веќе се стигна до првиот милион – точно толку кросовери ги напуштија продажните салони на Seat досега. Шпанскиот производител долго чекаше на дозвола од матичната група за да навлезе во сé повеќе популарниот сегмент. Беа подготвувани разни концепти, дури и го произведуваа Audi Q3 од првата генерација но попусто. Германците нé попуштаа повеќе од деценија а кога конечно се согласија, оваа категорија веќе беше добро пополнета од конкурентите. Шпанците сепак успеаја во своите кросовери да ги имплементираат гените и спортскиот имиџ на марката и успехот си дојде сам по себе. Трите кросовера што сега се продаваат под знакот на Seat лани сочинуваа 49 отсто од продажбата, што е за три проценти повеќе од европскиот просек. Најпопуларен меѓу купувачите е Arona, кој иако се појави една година после Ateca сепак води според бројот продадени примероци. Тоа посебно е битно за раководството на компанијата бидејќи е единствен кој се произведува во Шпанија – Ateca излегува од погоните на Škoda во Чешка, а Tarraco од главната фабрика на Volkswagen во Волфсбург.



