Иако повеќе не се на мода, салоните на автомобили сé уште имаат голема улога
Ги отпишаа ли производителите предвреме салоните на автомобили? Дигиталниот маркетинг сериозно ги раздрма па пандемијата го стори своето и сите веќе беа убедени дека овој вид на презентирање на портфолиото е надминат. Но купувачите не мислат така – иако Женева не преживеа, а другите кои опстанаа се далеку од она што беа, тие сепак сметаат дека салоните се битни за нивната одлука. На иницијатива на организаторите на салоните во Њујорк, Лос Анџелес и Торонто изготвена е студија која јасно го покажува тоа. Според неа скоро 40 отсто од посетителите на салонот Во Детроит имаат намера да купат нов автомобил во наредните месеци а 68 отсто за две години. Иако нивниот број од некогашните опадна од 774 илјади во 2019-тата на 275 илјади оваа година, тоа сепак не е мала бројка. Подетално кажано, тоа значи дека посетителите на салоните се скоро три пати посклони кон купување нов автомобил во однос на другите луѓе.
Во студијата понатаму се вели дека 37 отсто од испитаниците дошле со изричита намера да ја истражат понудата пред купување, а 84 отсто дека посетата им помогнала при донесувањето конечна одлука. Главната порака кон производителите кои повеќе не учествуваат на салоните ја праќаат 20 отсто од посетителите кои заради тоа изгубиле интерес за марките чии модели не можеле да ги разгледаат. Иако навиките се менуваат со генерациите, сосема е јасно дека отсуството од салоните на автомобили може директно да влијае на продажбата.