Саботерот во Tesla не бил саботер туку „свиркач“
Tesla поднесе тужба против еден свој поранешен вработен заради оддавање на информации
Објавено на 21 јуни 2018 година
Елон Маск го фати саботерот, кој тврди дека не бил саботер туку „свиркач“, односно дека сакал да укаже на недопуштени активности во компанијата. Вистината ќе ја докажуваат на суд бидејќи Tesla поднесе тужба против него заради хакирање на системите на компанијата и пренесување на доверливи информации на трети лица. Украдените информации вклучуваат фотографии и видео записи за производствените системи, се наведува во тужбата. Во Tesla тврдат дека заради тоа компанијата има претрпено значителна и континуирана штета. Според нив работникот, поранешен техничар, бил лут заради тоа што бил преместен на друго работно место. Се вели и дека тој признал некои од активностите откако бил соочен со доказите. Tesla од него побарува милион долари отштета. Според него, пак, тој сакал да ја информира јавноста дека Tesla вградува оштетени батерии во Model 3, дека лажно ги прикажува бројките за производството и дека несоодветно складира потенцијално опасен отпаден материјал.