Rimac – Nevera

Вести насловна

Најбрз спринтер на планетата!

Она што беше најавено се докажува на дело.

објавено 17. август 2021

Предизвика силна бура кога се појави најавувајќи дека ќе постави нови рекорди. Цената од два милиони евра веќе собори еден рекорд, а тоа е најскапиот хипер автомобил на струја. Со техничката спецификација вети возни својства како од сон, а сега ги докажува во јаве.

Rimac Nevera своите 1.914 КС ги впрегна на првиот предизвик, забрзување на четвртина милја (400 метри) или популарно наречен Драгстер. Хрватскиот електричен хипер автомобил на патеката Фамосо во Калифорнија излезе на „линија“ и спомената дистанца ја помина за официјално измерени 8,582 секунди постигнувајќи максимална брзина од 270 километри на час! Спринтот е направен со стандардните пневматици со кои автомобилот се испорачува, Michelin Pilot Sport 4S.

Ова ја прави Nevera, која се погонува со четири одделни електрични мотори, најбрзо сериско возило во светот! Дизајнирана и произведена е во седиштето на новиот сопственик на Bugatti, Rimac Avtomobili, во Хрватска. Името доаѓа од моќната бура позната на Јадранот по својата брзина, жестокост и енергија.