Репортажа – Porsche Road Tour 2021

Македонија насловна

Стил или моќ? Двете ве молам!

Годинешната смотра го покажа второто лице на Porsche, луксузот и напредната технологија.

објавено 31. август 2021
фотографија: Андреја Јарчевски CarClub

Веќе стана традиција караванот на Porsche да ја посетува Македонија но, овој пат тоа го направи на еден сосема поинаков начин. Името на Porsche е тесно врзано со перформансите, па не чуди што во досегасшните средби возењата се одвиваа на патека каде  раскошната сила и врвното потпирање ја истакнуваа динамичката надменост. Во многу такви брканици потполно во втор план се придобивките од модернизацијата и употребливоста во секојдневната рутина. На располагање ни беа десет модели кои ги возевме исклучиво на автопат, во формација и во рамките на условите на патот.

А како човек да избере меѓу 718 Cayman S и Boxster, 911 Turbo S и Carrera 4S, Panamera S E-Hybrid во хечбек и каравнска изведба, Cayenne GTS во својата класична и купе каросерија и, на крај, ѕвездата меѓу новата генерација автомобили од Цуфенхаузен, електричниот Tycan. На едно место беа сконцентрирани околу 5.000 коњи и неколку милиони евра во пазарна вредност. Возењето го започнав во легендата што ја носи аурата на успехот на Porsche.  911 Turbo S со своите 650 коњи и весел татнеж на цилиндрите беше расположен за секаква игра.

Амбиентот во внатрешноста плени со својата спортска и воедно луксузна обработка. Повеќе време имав да се запознаам со мултифункционалниот дисплеј исполнет со многу показатели уредно поставени. На автопат се наметна радарскиот темпомат кој перфектно го одржува зададеното темпо и растојание. Возачот е во централната улога со која лесно ги превзема сите команди по желба. Ваквото искуство дозволува релксирано и џентлменско возење иако во моторот имате повеќе сила отколку моменталниот збир на сите останати автомобили на наплатната рампа. Нагласена спортска ориентација покажува 718 Cayman S во инает на неговите четири цилиндри. Зафатнината од 2,5 литри ја подржува турбо-полнач со кого се испорачуваат 350 коњи.

Нагласениот звук на издувната гранка, директните команди во спрега со ниското седење и одличната динамика никого не оставаат рамнодушен. Сепак, кога возите во колона, имате време да забележите секојдневни работи. Алкантара финишот е проткаен со адекватен контраст, спортските седишта и дигитално-аналогниот испис на инструмент таблата потсетуваат на едно друго време зачинето со одлични конективни можности. Пријатно изненадување ми приреди Cayenne GTS. Покрај аристократско-спортскиот стил на интериерот нагласени се својствата на четири литрениот турбо-бензинец со 460 коњи.

 

Неколкуте пред дефинирани електронски контролирани модуси на возење ја покажуваат сета раскош на спортските кросовери. Силата одлично се дозира, потпирањето бргу се мобилизира и одговара на командите додека поголемиот дел од работата на возачот ја превземаат модерните асистенти за одржување на правецот во лентата на движење и активниот темпомат. Ништо помало задоволство пружи Panamera S E-Hybrid. По вокација приклучен хибрид, овој систем дава одличен баланс на силата на двете оски. Трилитрениот турбо-бензинец и електромоторот во тандем испорачуваат 560 коњи, но и 80 километри исклучиво на струја.

Покажа дека е вистински Porsche особено во својата Sport Turismo верзија напумпана со струјни удари на 700 коњи! Вистинскиот шок, во најпозитивна смисла на зборот, доживеавме со првиот електричен модел со беџот на Porsche. Tycan Turbo S е сателит на тркала. Спринтот до 100 км/ч го совладува за само 2,9 секунди, има фантастични меѓузабрзувања и тивка внатрешност. Токму тоа е и прашањето кое цело време ме мачеше, а тоа е отсуство на звучна интеракција соодветна на она што се случува. Има можност да се вклучи вештачки прилагоден звук ама, верувајте ми на збор, тоа не сакате да го чуете.

Технолошки Tycan Turbo S е вистински дијамант. На секоја оска е поставен по еден електро-мотор па така се добиваат 760 коњи и артикулиран погон на сите тркала. Стандардната Performance Battery Plus содржи 33 модули секој составен од 12 индивидуални ќелии кои формираат капацитет од 93.4 kWh. За активната и пасивната безбедност се грижи будното око на електрониката надгледувана од интегрираниот  Porsche 4D Chassis Control кој ги анализира и синхронизира сите системи во реално време. Благодарение на потребата за дополнување на батериите на Taycan имавме време да поработиме на полнењето на своите резервоари.

Додека ги истражувавме гастрономските можности во Казино Фламинго зврна пороен летен дожд. Како нарачан за разладување од горештината и за разгорување на возачките страсти. Можеби на враќање ќе имаме влажен коловоз, па ќе падне малку забава?! Забава ќе има, ама на сув коловоз. Требаа само десет минути од асфалтот да испари наврнатата вода. Патот за Скопје повторно вклучи смена на пет возила. Нај впечатлива етапа беше со 718 Boxster чии основни 270 коњи беа надокнадени со возењето без покрив. Идеалните 31 степен формираа циркулација на топло ветре во кабината и незаборавно возење над Демир капијската клисура.

Иако се возеше во групи, инструкторите се трудеа да ја истакнат лежерноста на умерената динамика на возењето. Без да се вбројуваат индивидуалните испади во забрзувања, групата се движеше доволно брзо за да доминира на патот и доволно умерено да ја почитува безбедноста. Во тоа до израз дојдоа активните асистенти и конективни можности, комбинација која во фокус го става квалитетот а не брзината на патувањето. Без оглед дали се работи за иконски модел со експлозивни 650 октански коњи, хибрид со блескави 700 електрифицирани коњи или потполно електричен со 760 молњи и перформанси од соништата, неизоставен дел од секоја изведба е интегрираната безбедност и зголемената удобност.

Разноликоста на понудата во сите сегменти ја прават прикаската на Porsche толку успешна. Во Цуфенхаузен не се опиваат лесно од успехот, туку се мобилизираат и работат на нови предизвици. Веќе се радувам на следната средба. За следната година се најавени неколку новитети подеднакво важни за „цилиндрашите“ и „струјаџиите“.