Благодарение на двојниот погон и употребата на напредни материјали во изработката, Emblème за 90% ќе ги намали јаглеродните емисии во споредба со другите автомобили
Renault Emblème како концепт се појави лани на салонот во Париз, а сега производителот го прикажа серискиот модел.
Она што го прави посебен е неговиот иновативен хибриден погон, бидејќи елегантниот семеен Shooting Brake долг 4,8 метри комбинира електричен погон со батерија и водородни горивни ќелии. Што значи тоа за секојдневното користење? Emblème енергијата ја добива од конвенционална батерија за секојдневни патувања и од горивна ќелија за подолги патувања. Електричниот мотор има моќност од 160 kW и ја црпи енергијата од батеријата од 40 киловат-часови, која треба да обезбеди автономија од околу 300 километри.
Енергијата потребна за подолги патувања потоа се снабдува од горивни ќелии од 30 kW, кои се напојуваат со водород од резервоар од 2,8 килограми. Renault ветува дека Emblème може да помине растојание од 1.000 километри брзо како автомобил со мотор со согорување, со две застанувања за полнење гориво.
Камерите наместо надворешните ретровизори, електричните рачки на вратите се рамни со телото и бришачите на шофершајбната под хаубата, насочената контрола на протокот на воздух, активниот дифузор и рамното подвозје го намалуваат коефициентот на отпор на 0,25. Но поголемата прикаска околу овој модел е што тој ќе биде предводник на новиот пристап на Renault во изработка на возила кој се гради врз филозофијата на намалување.
Не се радувајте, цените нема да се намалуваат. Добра вест е што нема да се жртвуваат удобноста и автономијата. Emblème е првото возило што го носи идниот дизајнерски јазик на марката. Покрај тоа во овој модел започнуваат да се применуваат интерните одлуки за многу редуцирања што ќе доведат, на големо задоволство на екологистите, до дури 90% намалување на емисиите на јаглерод во атмосферата по единица произведен автомобил и неговиот животен век.
Според комплексните калкулации направени во рамките на куќата, а се однесуваат на животен циклус на автомобилот од 15 години и 200.000 изминати километри, со употреба на метали и компоненти што се изработуваат на „зелен“ начин и енергија, намалувањето на тежината на возилото, циркуларност на материјалите и зголемувањето на аеродинамиката, оваа цел ќе биде остварена. Интерните пресметки покажаа дека Emblème, во споменатиот циклус на користење, ќе емитира само пет тони јаглерод во атмосферата вклучувајќи ја неговата изработка и изработката на материјалите што се вградуваат во него.
За споредба, актуелниот Megane E-Tech Electric во истата рамка емитира 25 тона, а Captur двојно повеќе. Renault Emblème истражува интелигентни, веродостојни и остварливи комбинации, особено во однос на ресурсите, материјалите, производството, употребата и обновувањето на крајот на животниот век. На овој начин се постигнува 70% намалување на јаглеродниот отпечаток за производство на сите делови, а практично сите употребени материјали се рециклираат на крајот на нивниот работен век. Renault Group се стреми да постигне нула емисии во производството на своите возила на глобално ниво до 2050 година и до 2040 година за операциите во Европа. Renault Emblème е во првите редови на оваа револуција!