Сестраниот субкомпактен автомобил кој поставува мерила доби ново руво
Renault Clio жари и пали уште откако прв пат се симна од монтажните ленти во 1990 година и досега во светот е продаден во 16 милиони примероци. Лансиран во пет генерации, за успехот сигурно придонесува и тоа што Французите постојано го унапредуваат и подобруваат. Така сега овој адут на марката во субкомпактната класа пристигнува во подмладено издание кое совршено ја илустрира нивната стратегија наречена „Нов бран“.

Стилот на новиот модел е примамлив и елегантен. Затегнатите, прецизни и аеродинамични линии даваат посебна емоционална димензија која го нагласува Clio како динамичен мал автомобил. Технолошки истакнатиот преден дел оддава сила, а целосно обновениот светлосен потпис го отелотворува идентитетот на марката. Потенките светла и проширената маска сега со мотив на шаховска табла го прават свеж и достоен за натамошно натпреварување со конкурентите. Дневните светла продолжуваат и во браникот, добивајќи облик на половина логотип на марката. Иако малку изострена силуетата останува препознатлива, а задниот дел покажува дека Французите сакаат да го вратат во мода јасниот и едноставен дизајн.

Впечатливата и прецизно уредена внатрешност го илустрира новиот начин на размислување. Употребени се одржливи материјали, така што не ни можете да купете нов Clio кој би имал нешто во кабината од природна кожа. Технологиите навлегоа во поголема мерка и сите верзии имаат дигитална инструмент табла. Централниот екран е вертикално истакнат, а мултимедискиот кластер заедно со навигацијата и камерата од 360 степени нуди повеќе начини на поврзување. Меѓу дваесеттината системи за возачка асистенција се истакнуваат прилагодливиот темпомат со тргни-застани функција и активното запирање со сензори за пешаци и велосипедисти.

Палетата употребени погонски единици ги вклучува очекуваните опции, прилагодени на потребите на различните профили купувачи. Започнува од трицилиндричниот еднолитарски мотор со 65 коњски сили во атмосферската и 90 во турбо изведбата. Некој може ќе биде изненаден но во новиот Clio продолжува да живее и познатиот 1,5 литарски дизел во верзијата со сто коњски сили. Најпосакуван секако ќе биде 1,6 литарскиот хибрид со 145 коњи чии два електромотора овозможуваат 80 отсто од времето во град да се вози без емисии. Погонската понудата е комплетирана со верзијата на течен нафтен гас.
Од Renault наведуваат уште и дека после Austral и новиот Clio ќе биде понуден во динамичната изведба која се одликува во спортски, технолошки и префинет изглед. Информациите за цените и пазарното лансирање засега не се познати.


























