Ремек-дело на техниката
Се ближи моментот кога и пошироката јавност ќе може да го види најновото остварување на McLaren
Објавено на 23 февруари 2018 година
Развиван под кодната ознака P15, новиот хипер-автомобил на британската марка кој го носи името на Аиртон Сена е ремек-дело на техниката. McLaren Senna e задвижуван од 4-литарски твин-турбо V8 мотор со 800 коњски сили. Дизајнерски се карактеризира со долгите препусти и вратите со стаклени панели. Титаниумскиот издувен систем, специјалните пневматиците и активната контрола на однесувањето на подвозјето со три режими на возење се неизоставен дел од пакетот тежок само 1.200 килограми. Тоа е постигнато благодарение на употребата на јагленородни влакна, со што односот на силината и тежината е доведен на 668 коњски сили по тон. Максималната брзина му изнесува 340 километри на час, забрзува до првите сто за 2,8 а до двесте за 6,8 секунди. За кротење при такви брзини се грижи и напредната аеродинамика со хидраулички подесувано задно крило. И тоа е направено од јагленородни влакна и тежи само пет килограми, но обезбедува сто пати поголема сила на прилепување. Кабината е екстремно олеснета, а на купувачите по желба бесплатно ќе им бидат достапни и сензори за паркирање и задна камера. За Bowers & Wilkins аудио-системот кој тежи седум килограми сепак ќе треба да доплатат.
McLaren Senna веќе е претставен на затворена презентација на група одбрани, меѓу кои и 499 негови купувачи. Тие за него издвоија по 750.000 фунти, а последниот направен примерок заедно со реплика од кацигата на Аиртон Сена ќе биде продаден на аукција за добротворни цели. Треба да се спомене и тоа дека неговото производство сé уште не е започнато.
видео