Stellantis ќе ја прошири европската понуда на RAM со компактниот пикап Rampage
Досега достапен само во Јужна Америка, овој модел кој со изгледот доста потсетува на Ram 1500 има нешто покомпактни габарити што го прави поадекватен за пазарот. Должината му изнесува малку над пет а широчината 1, 9 метри што е во ранг со европските автомобили од Д-сегментот, на пример Volkswagen Passat.
Наменет повеќе за рекреација отколку за работа, се планира да биде понуден во две верзии – една за теренско возење и активности на отворено а втората со спортски и поелегантен изглед. За погон на првата изведба ќе се грижи 2,2 литарски дизел со 200 коњски сили додека втората ќе биде со дволитарски турбо бензинец со 272 коњи доволни за максимални 220 километри на час. Без оглед на агрегатот за пренос на силата ќе биде задолжен деветстепен автоматски менувач. Погонот на сите тркала е перманентен а редукторот се вклучува со едноставно притискање на копче на централната конзола. За подобри возни карактеристики ослонувањето е мултилинк и напред и назад. Продажбата ќе стартува во првата половина од идната година, а цените засега не се објавени.




