Рачна сопирачка за електричните возила

Рачна сопирачка за електричните возила

Завршува златната ера на електричните возила во Норвешка – почнува процесот за нивно изедначување со обичните автомобили
Објавено на 14 октомври 2017 година

Норвешка планира да ги намали повластиците за електричните автомобили кои сега се толку издашни што ја донесоа оваа земја на врвот на светската листа според бројот електромобили на патиштата. Според владиниот предлог буџет за следната година во иднина сопствениците на електрични возила потешки од два тона ќе мора да плаќаат регистрација, а ќе се изменат и одредбите за даночните бенефиции кога се во прашање службените возила. Норвешките медиуми ги нарекоа овие измени „данок на Tesla“ бидејќи со нив најмногу ќе биде погодена продажбата на луксузниот електричен теренец Model X, чија цена според нивните проценки ќе порасне за околу 7.500 евра. Сепак, електричните автомобили и понатаму ќе бидат во значителна предност во однос на оние кои користат фосилни горива. Според министерот за заштита на околината и електричните автомобили ги ‘трошат’ норвешките патишта исто како и другите. Тој напомна и дека субвенциите своевремено се воведени за да се поттикне продажбата на мали електрични возила од домашно производство (се сеќавате на Th!nk, малото сино автомобилче од сликата?) а не за луксузни автомобили за богатите. Олеснувањата кај ставката на ДДВ и оние поврзани со нултата емисија остануваат на сила. Заедно со електричните, со измените во оданочувањето ќе бидат погодени и хибридните возила, а ако ве интересира ќе поскапат и билетите за кино и автобус.

Норвешка со 29 отсто учество на електричните автомобили во вкупниот број регистрирани возила во 2016-та според податоците на меѓународната агенција за енергија е прва во светот, далеку пред второпласираната Холандија со 6,4 и третата Шведска со 3,4 отсто. Во периодот од јануари до септември годинава продажбата на моделите на Tesla скокна за дури 90 отсто, на 4.717 нови возила. Зголемување на продажбата забележаа и другите производители.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER