Прво возење – Dacia Jogger

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Се појави ли новото народно возило!?

Jogger е атрактивен, сестран и достапен, па нема да зачуди ако стане прва опција на рационалните и штедливите.

објавено 14. февруари 2022

Во последните шест месеци Jogger е вториот потполно нов модел на Dacia. Со него румунската филијала на Renault докажува дека, не само што ја одржува, туку и е способна да ја зголемува гамата на производи. Од Питешти ќе ни доаѓа првенецот во компактаната класа со должина поголема од 4,5 метри и место за седум патници.

Што е Dacia Jogger

Практичноста, економичноста и рационалноста се главните атрибути што Dacia како марка ги негува. Згора на тоа, како шлаг на тортата, доаѓаат и разумните цени што направија марката да се прошири како шумски пожар. Таквиот тренд го продолужва Jogger кој е избалансирана синергија на три возила. Каросериски е караван со просторност на многу-наменско возило и наконтеност на крос-овер. Поради малата тежина добиена со употреба на лесни материјали понуден е само еден турбо-бензински мотор во две верзии, на бензин или комбинација со ТНГ, во двете економичен и култивиран. Следната година доаѓа и скромна хибридна верзија со 1,6 литрен бензинец и батерија од 1,2 kW.

Прв впечаток

Отпочнувањето на новата страница во историјата на Dacia е направено според веќе испробаниот рецепт. На развиена групациска основа поставена е каросерија која дизајнерски и функционално е стокмена да одговори на новите амбиции на Румунците. Искористена е платформата на Renault Clio и Captur за новиот Dacia Jogger кој припаѓа во повисокиот сегмент. За тоа се направени адекватни адаптации за да се постави 455 сантиметри долгата каросерија. Со растегнувањето на основата на 2.897 милиметри се овозможи формирање на просторна внатрешност со можност за превоз на седум лица. Надворешноста делува атрактивно. Се гледа дека станува збор за „буџетен модел“ само што тоа е направен со стил.

Предниот дел како да е отсечен од помалиот Sanderо, а задниот дел има своја ономатопеја прикладна за намената. Сето тоа е зачинето со атрактивно изведени елементи што го откриваат вистинскиот карактер на Jogger. Предницата ја формираат ЛЕД фаровите во „Y“ форма меѓу кои е сместена маската на која сé уште стои старото лого и треба да го отстапи местото на новото, далеку по атрактивно, до крајот на годинава. Караванската контура добива теренски изглед со неколку ефективни зафати. Најниската точка на каросеријата се издигнува 20 сантиметри над подлогата, додека посебната изведба Extreme SE е збогатена со црни 17 инчни тркала, покривни носачи и детали типични за теренскиот изглед.

Наменет за семејства и луѓе со активен животен стил кај Jogger големо внимание е посветено на багажниот простор. Во верзијата со пет седишта неговиот капацитет е 708, а со соборување се добиваат  829 литри. Оние што сакаат да имаат верзија со седум седишта, покрај доплатата од околу 600 евра и дополнителната тежина од 20 килограми, ќе треба да се задоволат со корисни, но недоволни од 160 до 212 литри. Затоа се понудени покривни носачи способни безбедно да се натоварат со 80 килограми тежина.

Познат интериер

Ако внатрешноста на новата Dacia Jogger изгледа малку познато, тогаш тоа е затоа и што е! Од B-столбот внатрешноста е речиси совршено развиена од Sandero. Тоа е целосно корисен дизајн што доби извесна доза на емоции мешајќи ги пластичните површини со оние обложени со платно. Квалитетот на изработката е соодветен, така што употребата на компромисни решенија, како што е тврдата пластика, паѓаат во втор план. На тест возењето беа претставени најбогато опремените изведби чија практичност потврдува дека можно е да се биде поврзан со автомобилот преку рационални и евтини решенија.

Помеѓу класичните инструменти поставен е 3,5 инчен екран кој во основната верзија обезбедува контакт со дигиталниот свет. Покрај едноставниот систем за контрола на медиумите што може да се поврзе со паметен телефон, кој се отсликува на дисплеј во боја од осум инчи, и овозможуваат целосен контакт преку Bluetooth поврзување со Android Auto и Apple CarPlay. Главнaтa идеја на Jogger е просторноста на сите седум седишта и на секое да може да се смести 1.9m висок патник. Високите возрасни луѓе можеби нема да се воодушевени од долгите патувања во третиот ред, но тие ќе се вклопат. Тоа и не ме интригира многу, поважно ми е дека како возач сум опкружен со добра удобност и ергономија со јасен поглед на инструментите и екранот. Сите параметри се подесени, време е за возење. Зад управувачот Jogger е привлечен автомобил и можам да ги предвидам неговите манири. Атрактивниот впечаток е проследен со значителни промени во структурата на материјалите па севкупната тежината е помала од 1.200 килограм.

Тоа е многу паметно бидејќи помалата тежина значи дека помалиот мотор ја врши истата работа и дава простор за дишење. Затоа падна одлуката на три цилиндерскиот турбо-бензинец од еден литар. Тоа е единствената опција со избор на моќност од 110 (бензин) или 100 КС (бензин и ТНГ). Поради малата потрошувачка, дострел над 1.000 километри и еколошката оправдливост втората комбинација игра двојна улога. Таа го заменува дизелот и ќе биде носител до идната година кога на гамата ќе се придружи благиот хибрид. Го започнав возењето со прагматичната Bi-Fuel изведба. Три цилиндерскиот турбо-бензинец испорачува 100 коњи.

Неговата предност е можноста да користи плин или бензин како гориво. Опремен е со резервоари со вкупен капацитет од 90 литри што гарантира голема автономија. Оваа комбинација ја имав возено кај Duster каде се покажа како делотворна. Она што би го издвоил е смиреното работење без оглед дали го возите на бензин или плин. Од него не се очекува перформанса ниту пак експлозивност, но во секој случај може да смета на неговата елстичност и штедливост. Во ниту еден момент не почуствував дека се гуши а без многу поговор прифаќа работа под тортура. Шест степениот мануелен менувач ја игра својата улога на добар начин, но долколку сакате да соборувате рекорди во економичност ќе требате во урбани услови многу често да работите со него.

Времето од 11,2 секунди од 0 до 100 км/ч не е импресивно, но просечната потрошувачка од 6,1 литар на бензин и 7 литри гас сигурно е! Кога на тоа ќе се додаде солидната управливост низ свиоци доколку возите според пропишаната брзина, помалку цврстите одговори на подвозјето и ноншалантното одржување на темпото на автопат, тогаш треба да сте голем „маанџија“ за да најдете недостаток на Jogger. Интересно е што моторот оспособен да употребува две горива е за 10 КС послаб од бензинскиот но драстични разлики во перформансите нема.

Заклучок

Dacia Jogger не е перфектено возило. Има многу атрибути, но има и недостатоци.

Благодарение на доличното однесување, сосема пристојната опременост и атрактивниот изглед кога ќе се види цената прави да се заљубите во него. Лесно се преминува преку грубата пластика, недостатокот на дизел мотор и автоматски менувач. Од март Jogger може да се нарача со погон на течен гас, а на почетокот на 2023 година ќе се надополни понудата со хибриден погон повторно позајмен од Clio кој комбинира 1,6-литарски бензински и два електрични мотори, кои се снабдуваат од литиум-јонска батерија со капацитет од 1,2 kWh.

Според првичните информации основната изведба на Jogger ќе чини околу 13.500 евра и би требало да пристигне кај нас во следните два месеци. Врвната по опременост верзија Extreme SE не би требало да ја надмине границата од 19.000 евра. Веднаш по Duster и електричниот Spring, Dacia покажа дека евтините по цена возила не значи дека се инфериорни. Спроведувањето на интелегентни решенија и рационалното димензионирање на производот не само што му ја смалуваат цената туку го прават посакуван модел на пазарот. Тоа се потврди со двојниот милионер Duster, а ќе се повтори со семејниот и практичен Jogger кој има добри шанси да стане новото „народно возило“!.

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 90.00 ден
  • еуросупер 98 - 92.00 ден
  • еуродизел Д5 - 90.00 ден
  • течен нафтен гас - 53.00 ден
  • метан - 161.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER