Дебитира првиот модел на новото глобално семејство на FIAT опремен со електричен и хибриден погон
Ланскиот пад на продажбата не успеа да го дестабилизира FIAT. Италијаните останаа најпродавана марка во групацијата Stellantis, а за годинава имаат големи планови и амбиции.
Тоа го оправдува почетокот на продажбата на новата Panda која со полно право го носи префиксот Grande. Дизајнирана во Centro Stile во Торино, Fiat Grande Panda е компактна, има чисти линии и добро организиран ентериер, што го прави идеален автомобил за семејна намена и урбана мобилност.
Grande Panda е првиот FIAT изграден на Smart Car Platform на Stellantis која е флексибилна и разновидна мултиенергетска платформа. Во голема мерка инспирирана е од иконата Panda, која го започна походот во 80-тите години на минатиот век, и сé уште трае. Ова е првпат „Grande“ да не значи голема.
Grande Panda е компактна и со своите 3,99 метри должина, 1,57 метри висина и 1,76 метри ширина таа гарантира удобност за пет лица благодарение на паметното искористување на просторот.
Престојот во кабината го збогатуваат веселите детали кои го освежуваат интериерот. Главната внатрешна тема вклучува посебна боја наречена Blu Tasmania. Пред возачот е инструмент кластерот од 10 инчи, додека централно поставен е 10,25 инчниот екран задолжен за инфо-забавниот систем, целина која потсетува на обликот на патеката Lingotto сместена на покривот на фабриката. Grande Panda има електрични и хибридни погонски единици.
Во своето електрично издание доаѓа со батерија од 44 kWh и електро-мотор од 83 kW (113 КС), комбинација што има автономија од 320 км во комбиниран циклус според WLTP, и го прави совршено возило за урбана секојдневна употреба и викенди. Електричната верзија има умерени карактеристики, со максимална брзина од 132 км/ч и забрзување од 0-100 км/ч за 11 секунди.
Сериски е опремена со интегриран кабел што се извлекува од маската, способен за полнење до 7 kW, завршувајќи полнење од 20% до 80% за 4 часа и 20 минути. Како алтернатива може да се избере приклучок за полнење од 11 kW, со време на полнење од 20% до 80% за 2 часа и 50 минути.
За двете решенија, вклучен е стандарден приклучок за брзо полнење на задниот дел, кој нуди моќ на полнење од 100 kW и го комплетира полнењето за само 27 минути.
Хибридната верзија ја движи 1,2 литарски турбо-бензинец, со три цилиндри, 48-волти Li-ion батерија и шест брзински електричен менувач со двојна спојка (eDCT) на кого е интегриран електро-мотор од 21 kW, комбинација што произведува системски 100 КС. FIAT Grande Panda што туку ја започна кариерата која би требало да биде подеднакво успешна како и на нејзината претходничка.
Италијаните се мајстори на својот занает, а во овој сегмент тешко дека некој може да им ги помрски сметките. Наскоро ќе бидат објавени и цените кои се очекува да бидат достапни.