Volvo V60 :: Практичен класичар со модерни манири

Практичен класичар со модерни манири

Volvo има голема заслуга за популарноста на караван возилата
Објавено на 27 февруари 2018 година

Своевремено, дури 80 отсто од моделот V70 беа во оваа семејна изведба. Затоа и денес кога се појавува Volvo V60, на него се гледа како на нешто повеќе. Посебно и заради тоа што уште чекаме на лимузината со истата бројка во ознаката, која допрва ќе следи. Замислен да биде на врвот на понудата на вакви возила, новиот V60 додава дополнителен премиум сјај со намера силно да удри на претставниците на германската тројка во класата. Новата филозофија со која шведскиот производител настапува ги разбива стереотипите дека караваните се здодевни автомобили наменети за оние кои од некоја причина мора да ги купат. Да тргнеме од дизајнот кој само оддалеку потсетува на дамнешните коцкасти претходници. Големите промени кои се забележуваат се во согласност со современото стилско изразување на марката, со задржување на традиционалните практични карактеристики. Кратко кажано, без никакви изненадувања и експериментирања.

Volvo V60 Во однос на досегашниот модел има за 12 сантиметри поголема должина која го прави уште попривлечен за купувачите. Зголемено е и меѓуоскиното растојание, како и багажникот во кој стандардно собира 529 литри. Внатрешноста скоро во целост потсетува на V90, покажувајќи го на тој начин потеклото на механиката. За да не се меша со него стаклата на задните врати му се поделени на два дела со дополнително триаголно прозорче, а задниот дел е помалку нападен. Затоа пак опременоста е повеќе или помалку идентична. Сите современи електронски системи и тука се на располагање, а седиштата се позајмени од XC60 на кој донекаде и потсетува во амбиентот. Чувството дека се наоѓате во префинет модерен автомобил е истакнато со големиот дисплеј, складно вкомпониран над централната конзола.

Што се однесува до моторизација Volvo се одлучи за правилен баланс во понудата, па така V60 ќе биде на располагање со два дизела, два бензинци и два хибрида. Дизелите се со 150 и 190 коњи, бензинците со 250 и 310, а хибридите со 340 и 390 коњски сили. Колку и да се разликуваат во овие бројки, заедничка им е работната зафатнина од два литри. Погонот е на предните или сите тркала, а цената нема да му биде помала од 40 илјади евра.

Volvo V60

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER