Porsche Taycan Driving Tour 2024

Втор пат годинава Порше Центар Скопје ни приреди задоволство да ги возиме посакуваните машини од  Штутгарт.

Овој пат изостана татнежот типичен за боксер моторите. Фокусот беше на електричните возила, но изостана новиот Macan.  Неговото отсуство лесно го потполнија шест возила Tycan во трите изведби.

Несомнено е дека својата иднина Porsche ја гледа во електричните возила, но се уште не се откажува од класичните мотори. Предностите на електричните модели најмногу се чувствува во нивната сила. А кога се зборува за силата, шесте репрезенти располагаа со вкупно 3.020 кило-вати или народски кажано 4.108 коњи. Најсилниот егземплар беше Taycan Turbo Ѕ кој располагаше со 570 кило-вати (775 КС), но ништо помалку атрактивни не беа Taycan Turbo Ѕ Sport Turismo со 560 kW (762 КС) и Taycan Turbo Cross Turismo со 500 kW (680 КС).

Најслабиот по сила Taycan 4Ѕ имаше 390 кило-вати или 530 коњи, што е повеќе од силата што ја испорачува неодамна претставениот Porsche 911 GT3. Времето и расположението за возење беше извонредно и со голем ентузијазам се упативме на рутата долга околу 100 километри, од Порше Центар Скопје до Велешкото езеро и назад. Иако немавме шанса да ги донесеме во вистинско искушение електричните раскошни по сила возила, сепак ја доживеавме динамиката и супериорноста на сите изведби на Taycan.

Секавичните забрзувања и екплозијата на сила се чуствува со секое притискање на педалата за забрзување. Поради честите ротации на моделите секој имаше можност да ги вози шесте примероци. Бидејќи имам прилично искуство со моделите на Porsche, и колку да не ја сакам трансформацијата на спортските марки на електричен погон, би бил необјективен доколку не речам дека Porsche во својата електрична прикаска ја задржа основата на својот ген.

Рака на срце во тоа изостанува типичниот резонантен звук на хорот на цилиндрите, а вештачки генерираниот звук кого можете да го активирате, додава какво-такво аудио доживување. Со електричните возила играта се менува. Тие имаат огромна сила, извонредни перформанси, но возејќи ја споменатата рута само по себе се наметна едно прашање. Дали е потребно толку многу сила во еден автомобил наменет за секојдневна употреба?

Taycan во било која изведба да се вози е вистинско задоволство. Тоа е спортска лимузина со респектабилни динамички и возни својства, спортскиот луксуз во внатрешноста е скроен да ги задоволи адреналинските зависници и штирканите господа, а инфозабавниот систем и трите монитори нема да ги разочараат ниту „гејмерите“, ниту дискофилите. Мојот парадокс што го доживеав во возењето доаѓа од борд компјутерот кој јавуваше дека во повеќе од 90% од времето на возење се користат едвај 25% од расположливата сила.

Само на кратко, кога имаше шанса да се „стисне педалата“ се почуствував како космонаут при лансирање на ракета. Двата часа дружење со изведбите на Taycan, иако сум „petrol head“, ми го наполнија срцето само поради еден факт. А тоа е што Porsche со своите електрични модели успеа да остане Porsche.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER