Porsche планира голем SUV со три реда седишта

Top News Вести

На повидок ли е мега-Cayenne?

објавено на 24 ноември 2021

Да се однесуваше оваа вест за Volkswagen, па дури и за Audi, ќе можевме и да поверуваме, ама доаѓањето на мега-верзија на Cayenne со три реда ќе биде навистина големо изненадување кое дефинитивно ќе навести некои нови ветришта во строго конзервативното размислување на раководството на компанијата. Во веста која сега е на ниво на гласини се вели дека овој модел на пазарот може да се очекува во втората половина од деценијата, најпрво како плаг-ин хибрид а подоцна и во целосно електрична изведба. Според тврдењата би требало да биде нешто на половина пат меѓу седан и кросовер иако маркетиншки ќе се води како SUV, при што неговиот дизајн нема да биде сличен на останатите модели на марката.

Дека нешто навистина се подготвува сведочат слични навестувања од минатата година според кои групата VW подготвува нов електричен топ модел под кодната ознака Landjet, кој би бил понуден под ознаките на Audi, Porsche и Bentley. Според нив прво ќе се појави верзијата на Audi во 2024 година, а потоа и другите.