Она што требаше да биде…
Porsche ја претстави купе верзијата на Cayenne, како што беше првобитно замислен
Објавено на 25 март 2019 година
Кога се појави во 2002-рата, Porsche Cayenne беше дочекан со измешани реакции. Едни беа воодушевени од одличните возни карактеристики дотогаш невидени кај спортско-корисните возила. Други пак тврдеа дека тоа воопшто не е во духот на марката позната по 911. А да се појавеше со купеовски скроена каросерија како што првобитно беше планирано, сигурно и тие ќе го подржеа на неговиот пат кон пазарниот успех. Но тогаш оваа атрактивна класа возила не постоеше – BMW X6 се појави многу подоцна и никој во Porsche не се осмелуваше да експериментира. Сега ситуацијата е сосема спротивна и Cayenne Coupe зачекори на овој свет.
Визуелно е далеку подинамичен од стандардната изведба, од која првенствено се разликува по пониската линија на кровот. Најмногу внимание секако привлекува задниот дел на кој активниот спојлер се подигнува при брзини над 90 километри на час. Корегирани се носачите на покривот и аголот на ветробранското стакло, а е изменет и предниот дел колку да се направи разлика од обичниот Cayenne. Зафатнината на багажникот изнесува 622 литри, а купувачите без доплата ќе може да бираат меѓу класична задна клупа и две единечни седишта. За да имаат повеќе место за главите патниците на нив ќе седат малку пониско, а стаклениот панорамски покрив ќе биде стандарден.
Сите верзии на Cayenne Coupe ќе бидат опремени со активно ослонување, Sport Chrono пакет и спортски седишта. При лансирањето закажано за крајот на мај ќе биде достапен со три и четирилитарски V6 мотори со 340 и 550 коњски сили. Со посилниот ќе забрзува до сто километри на час за 3,9 секунди, а максималната брзина ќе му изнесува 286 километри на час. Цената веќе е определена и Porsche Cayenne Coupe во Германија ќе чини 84 односно 147 илјади евра.