И покрај целосно електричната ориентација, Porsche ќе продолжи да ги развива сегашните модели со хибрид и мотори со согорување.
Porsche ја започна тест програмата на првите прототипови на четвртата генерација на Cayenne.
Во исто време, производителот од Штутгарт најави дека ќе продолжи да ги развива „со голем технички напор“ хибридните и моделите со мотори на согорување и ќе ги нуди до 2030 година. Ова е вистинска вест за поклониците на оваа марка особено, што исто како во Panamera, и за Cayenne предвиден е V8 битурбо моторот кој ќе биде подготвен за идните законски барања.
Шефот на Porsche, Оливер Блуме, го оправдува овој потег со слабеењето на побарувачката на пазарот за електричните автомобили. Porsche е посветен на електромобилноста и, според Блуме, компанијата ја усогласила својата општа стратегија за производи, па би можела да испорача повеќе од 80 отсто од новите возила со целосно електричен погон во 2030 година.
Сепак, ова ќе зависи од побарувачката на пазарот и развојот на електромобилноста во одредени региони во светот. Во исто време, новата генерација на Cayenne е наменета дополнително да го поттикне зголемувањето на електромобилноста во Porsche како целосно ново развиен модел. Целосно електричниот луксузен теренец се заснова на понатамошен развој на Premium Platform Electric (PPE) со архитектура од 800 волти.
Ова ќе овозможи да се искористи потенцијалот на електрификацијата за да се подигне Cayenne на сосема ново ниво на многу начини, вклучувајќи ги и перформансите. Покрај тоа, развојните цели вклучуваат високи и стабилни перформанси на полнење, висока ефикасност и повисоко ниво на удобност и соодветност за секојдневна употреба.
По обемната фаза на дигитален развој и тестирање, како и првичните тест возења во развојниот центар во Вајсах, првите камуфлирани прототипови на целосно електричниот Cayenne веќе ги напуштија фабричките простории. Пред да биде лансиран на пазарот новиот Cayenne, прототипите ќе поминат неколку милиони тест километри ширум светот под разни климатски и топографски услови.