Третиот електричен модел на Porsche ги воодушеви присутните гости
Веќе на предпремиерата одржана во февруари Porsche Cayenne Turbo Еlectric ги урна сите предрасуди околу електричниот погон.
Традиционалистите сметаат дека „вистинско Porsche“ треба да има исклучиво мотор со согорување, но кога се соочуваат со фактите тогаш работите се вртат во друга насока.
На специјалниот настан организиран од Порше Центар Скопје повторно беше изложен најмоќниот меѓу моќните, Cayenne Turbo Electric. За воља на вистината се нудат уште две верзии на Cayenne Electric чии 442 и 666 КС со леснотија ги доловуваат перформансите достојни за името што го носат.
Голема нивна предност во однос со „традиционалниот погон“ е што катапултските забрзувања, секојдневното користење во градска средина или при патувања се одвива со нулта емисија на издувни гасови,
што е единствена алтернатива за одржливоста и стилот на модерното живеење кое се грижи за човековата околина, напомена Златко Муцунски, генрален директор на Порше Македонија. Само да потсетиме, најсилниот сериски Porsche, Cayenne Turbo Еlectric, има вградени два електро-мотори, во нормално возење има 844 КС, но кога ќе влезете во режимот Launch Control, добивате 1.139 КС и 1.500 Nm.
Овие луди бројки пренесени во секојдневие овозможуваат спринтот од 0 до 100 км/ч да трае само 2,4 секунди! Моторите со струја ги снабдува батерија од 113 киловат-часови. Архитектурата од 800 волти овозможува полнење со брзина до 400 kW и на толку силен полнач полнењето од 10 до 80 проценти трае само 16 минути.
Она што изненадува е фактот што од најавувањето на почетокот на продажбата на електричниот Cayenne во Македонија порачани се дури 11 примероци. Па нека е честито!


