Мало, но значајно зголемување
Porsche е една од ретките автомобилски марки која ја заврши минатата година со позитивен скор
Минатата година, иако очекувана како опоравувачка, за повеќето брендови заврши со негативни резултати. Ретки се оние што пријавија зголемување на продажбата, а за воља на вистината, тие се припадници на друштвото на производители чии модели се сé само не евтини. Еден од нив е Porsche, единствен припадник на групацијата VW што пријави зголемување на продажбата за три отсто споредено со 2021 година. Вкупниот биланс гласи дека се испорачани вкупно 309.884 возила.
Во Германија, со 29.512 нови регистрации скокот е три отсто споредено со продажбата од пред една година. Низ Европа бројот на спортските автомобили од Цифенхаузен се зголеми за седум проценти на 62.685 примероци. Со 79.260 испораки, американскиот пазар беше на исто ниво како и претходната година, додека во Кина беа продадени два отсто помалку возила поради строгата блокада.
Со 93.268 ново регистрирани примероци Кина останува убедливо најголемиот единствен пазар за брендот. На другите прекуокеански пазари и пазари во раст, Porsche забележа вкупен пораст на продажбата од 13 проценти. Најпродаван меѓу моделите од Штутгарт е Cayenne со 93.286 примероци.
По него следеа Macan (86.724) и иконата 911 со само 40.410 испораки. 34.142 клиенти се одлучиле за Panamera, 18.203 за Boxster или Cayman. Тесните грла за снабдување во автомобилската индустрија го погодија само Taycan, кој е единствениот модел на куќата што отиде во црвеното поле за 16 отсто споредено со лани со 34.801 испорачани примероци.


