Три стотинки побрз, 200.000 евра поскап
Уште од кога се појавија и двата електрични хиперавтомобили се поставува прашањето кој е подобар – оригиналниот Rimac Nevera или облагородениот Pininfarina Battista?
Одговорот на него го дадоа Италијанците кои водени со желбата за докажување се упатија дури во Индија, од проста причина што сопственик на дизајн студиото е Mahindra. Тимот на Pininfarina таму допатува со тест примерок на Battista опремен со стандардни пневматици и без никакви модификации на техниката која е идентична како и кај Nevera – 4 електромотори со вкупна моќност од преку 1.900 коњски сили и 2.300 њутн-метри вртежен момент.
Со целосен нивни ангажман развојниот возач на компанијата четвртина милја односно 402 метри помина за 8,55 секунди, соборувајќи го рекордот на хрватскиот болид за едвај мерливи 0,03 секунди. Половина милја беше помината за 13,38 секунди, попат забрзувајќи до 300 километри на час за 10,5 секунди. Максималната брзина што беше постигната на овој настан изнесуваше 358,03 километри на час. Pininfarina има план да направи лимитирани 150 примероци од овој дизајнерски електричен хиперавтомобил чија цена е 2,2 милиони евра без давачки што го прави за 200.000 евра поскап од донаторот Nevera. За производство на секој од нив се потребни 10 до 18 недели во зависност од спецификациите.


