Peugeot – Од 301 до новиот 308

Девет децении и десет генерации на „серијата 300“

објавено 10. февруари 2022

Успешната приказна за компактната серија модели на Peugeot започна во 1932 година со 301. Од тогаш поминаа 90 години за кои се наредија десет генерации и милионски тиражи. За тоа време производството се одвиваше во Сошо со исклучок на 309 за кого беше задолжена фабриката во Поаси. На почетокот на 1930-тите владееше економска криза, па затоа е лансиран модел со компактни димензии во седан, лимузина, купе, кабриолет и роудстер. Придвижуван со мотор од 1.465 cm3 со 35 КС, 301 беше произведен во 70.500 единици за четири години. Него во 1936 го наследи 302  и се задржа три години бележејќи 25.100 продажби.

Втората Светска војна го наруши текот на серијата, Peugeot 303 никогаш не се појави, а мирувањето траеше три децении. На саемот во Париз 1969 се појави Peugeot 304, повторно понуден како седан, купе, кабриолет, караван и комерцијален караван познат како „застаклен караван“. Помеѓу 1969 и 1979 година беа произведени речиси 1.200.000 единици од 304 и тоа беше голем комерцијален успех. Седанот 305 служеше како основа за експерименталната програма VERA, дизајнирана да ја подобри ефикасноста на горивото за идните генерации на автомобили. Спроведена во текот на 5 години, програмата VERA имаше значително влијание врз развојот на моделите 205, 405 и потоа 605.

Пристигнувањето на PEUGEOT 309 во 1985 година ја забави продажбата на 305, чија кариера заврши во 1989 година. Произведен помеѓу 1985 и 1994 година во Поаси, Шпанија и Велика Британија, Peugeot 309 беше првиот вистински „компактен“ автомобил. Тој повеќе не беше класичен седан со четири, туку хечбек со пет врати. Серијата 300 доживеа кулминација со 306, модел преставен во 1993 и нуден како седан, караван, хечбек со три и пет врати во неколку потентни изведби како и кабриолет дизајниран и изработуван од Pininfarina.

Спортските верзии ХЅI и S16 беа основа на спортското одделение на Peugeot од каде излезе спектакуларната MAXI со 285 КС. Следната генерација ја продолжи номенклатурата. 307 беше огромен успех, со над 3,5 милиони примероци произведени ширум светот. Достапен во верзии со три и пет врати и караван верзија, тој доби дополнителна силуета во Coupé Cabriolet со тврд покрив. 307CC послужи како основа на рели верзијата која се појави на светското првенство во 2004 и 2005 година, победувајќи 3 пати и искачувајќи се 26 пати на подиумот.

Првата генерација на Peugeot 308 дебитира 2007 година, потоа следеа на еднакви временски циклуси уште две генерации. За 14 години колку се задржаа во производство забележаа скор од седум милиони парчиња. Пред крајот на минатата година на сцена стапи новата генерација на 308, досега најмодерна во историјата на марката. Монументалниот дизајн, одличната ергономија, врвната опременост и еколошките погони ја ставаат како адут во компактната класа. Плаг-ин хибридниот погон во двете каросериски изведби ќе биде надополнет со целосно електричен погон идната година.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER